Фудбал

Брендан Роџерс назначен за нов тренер на Лестер Сити

26. февруари 2019 - 20:26 | К.З.

Откако викендов Лестер доживеа дебакл на домашен терен во поразот од 1:4 од страна на Кристал Палас, тренерот Клод Пуел беше отпуштен и во изминатите неколку дена раководството преговараше со поранешниот тренер на Ливерпул, Брендан Роџерс. А денеска, клубот официјално го потврди неговото назначување за нов тренер.

Англискиот клуб и поранешен шампион на Премиер лигата ја исплати отштетата од 8 милиони фунти која ја бараше Селтик за раскин на договорот на Роџерс, а преговорите помеѓу тренерот и Лестер траеја кратко и резултираа во негов ангажман.

Брендан Роџерс не доаѓа сам, туку заедно со него доаѓаат и асистентот Крис Дејвис и тренерите Глен Дрискол и Коло Туре. Во првата изјава за медиумите, тој изјави дека е среќен што добива шанса да се врати во Премиер лигата по неколкугодишното искуство.

„Заедно ќе бидеме посилни. Едвај чекам да соработувам со играчите и тренерскиот тим за да ги израдуваме навивачите и да ги направиме вистинските чекори напред“, изјави Роџерс.

Бидејќи Роџерс си замина додека неговиот договор со Селтик уште траеше, тој ќе биде заменет од страна на Нил Ленон, кој ја презема функцијата како в.д..

Коментирај