Војската на Британија го претстави новиот авион во своите редови, моќниот F-35. Пробниот лет над британското небо беше изведен викендов со верзијата што ја користат американските маринци F-35B Lightning II. Летот на двата борбени авиони и комбинираниот американско-британски тим покажа што петтата генерација на борбени авиони може да прави.
Британската авијација чекаше на овие ловци две години откако беа повлечени поради пожар во моторот што зафати еден авион во текот на аеро-митинг. Министерството за одбрана на Британија купи осум вакви модели кои треба да бидат завршени до 2020 година.
Авионот чини 120 милиони евра, а четири авиони во моментот се на тестирање додека само еден е во Британија. Опремен е со ласерски проектили и бомби, како и технологија поради која тешко се забележува на радар, а наменет е за тајни мисии. Има домет до 2.000 километри и може да полетува од бродови носачи.
Експертите сметаат дека F-35 ќе биде четири пати поефикасен од претходните ловци во евентуална борба во воздухот, а осум пати поефикасен во борба воздух-земја, како и три пати поефикасен во одбегнувањето и справувањето со противавионската одбрана.
Во производството на авионот F35 Lightning II учествуваа Британија, САД, Италија, Канада, Турција, Австралија, Данска, Норвешка и Холандија.