Свет

Британка претепана во Сплит откако одбила да плати повеќе од договорената цена за хостел

20. август 2018 - 10:06 | А.С.

Студентка од Велика Британија била претепана со метална прачка откако одбила да плати повисока цена од договорената за сместување во хостел.

Лора Денмар (26) била брутално претепана, а нејзиното момче било нападнато и приклештено до ѕид.

„Сега сме во ред, се вративме дома, но ова беше страшно искуство“, вели таа.

„Уште од почеток ни беше јасно дека има нешто ‘матно’ во целата работа и мислам дека нападот беше со умисла. Ние имавме среќа што се извлековме оттаму, но сакам да ги предупредам другите кои букираат сместување онлајн.“

Денмар, која студира драматургија на Кралскиот колеџ за драма во Лондон, била на летување во Хрватска минатиот месец.

Заедно со момчето Џереми Лафонд (39) букирале сместување преку онлајн агенција. Меѓутоа кога стигнале во Стариот Град во Сплит, им било јасно дека нешто не е во ред. Им рекле да ги земат клучевите за собата од друг хостел, а потоа оделе до апартманот на друг крај од населбата.

„Кога стигнавме таму сфативме дека ова воопшто не е легално – имаше 30 кревети, едно веце и ниту еден вработен за одржување на местото. Немавме каде да одиме и веќе имавме платено од напред и решивме да останеме. Последниот ден, дојде една чистачка и ни рече дека мора да платиме повеќе или да заминеме веднаш. Ѝ реков дека тоа не е логично и одбив да ѝ дадам повеќе пари, а таа ни рече дека ќе викне полиција ако не заминеме веднаш. Знаев дека тоа што го прави е нелегално и ѝ реков слободно да викне полиција. Наместо тоа, таа викна еден човек за кој сметаме дека е сопственикот на хостелот. Решивме веднаш да си заминеме, но наместо тоа, таа ни ја заклучи вратата и не смеевме да заминеме додека не дојде човекот“, раскажува Денмар.

„Кога дојде, го приклешти Џереми до ѕидот, а жената и уште еден маж почнаа да ме маваат со метална шипка. Беше ужасно.“

Денмар има тешка повреда на главата, скршена рака и модринки по целото тело.

Веднаш го пријавила случајот во хрватската полиција и е во редовен контакт со Британската амбасада. Исто така поднела жалба до агенцијата преку која го букирала сместувањето.

Таа стравува дека и други странски туристи би можеле да наседнат на овој „матен бизнис“ и затоа ја раскажува јавност нејзината приказна.

Полицијата во Сплит рече дека истрагата за случајот е во тек.

Коментирај