Фудбал

Буфон: Ќе биде совршен крај на мојата кариера, ако ја освојам ЛШ

12. февруари 2019 - 16:54 | МИА
Париз, 12 февруари 2019 (МИА) – Голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Буфон се надева дека ќе успее да ја освои Лигата на Шампионите пред да стави крај на својата кариера, откако овој трофеј се уште недостасува во неговата богата колекција.

– За мене, ЛШ секогаш ќе биде највисокото ниво, најдобриот турнир за играње. Се надевам дека ќе имам уште една можност да ја освојам. Тоа би било совршен крај на мојата кариера, изјави 41-годишниот Буфон во интервју за англиски „Телеграф“,

Џиџи се наврати наназад кон протерувањето во минатогодишното полуфинале на турнирот меѓу тогашниот негов клуб Јувентус и Реал Мадрид, поради остра реакција против судијата.

– Тоа беше еден од најемоционалните ои натпревари. Мислев дека ова е мојот последен меч во ЛШ. Жалам за она што му го кажав на судијата. Мојата реакција не беше против човекот, туку против ситуацијата. Не можев да ја разберам неговата одлука (пенал во последната минута – н.з.) во тој момент. Тоа требаше да биде најдобриот натпревар во мојата кариера, најдобрата победа, и затоа бев многу лут, тврди тој.

Како што е познато, легендарниот голман имаше намера да ја заврши кариерата по крајот на минатата сезона, но потоа се појави предлогот на ПСЖ.

– Ми требаа три или четири месеци да се подготвам за моето повлекување. Во тој момент мислев дека животот ќе биде поинаков, и морав да се помирам со тоа. Сакам да играм на највисоко ниво или да не играм воопшто. Никогаш не мислев дека ПСЖ ќе ме замоли да продолжам. Но, исто така, физички и ментално се чуствував добро минатата година. Кога се јавија од ПСЖ, тоа беше големо изненадување за мене, но потоа бев сигурен дека сакам повторно да играм. Тука сум, животот ме насочи и одлучи дека треба да продолжам, па јас сум тука. Ми беше дадена последна шанса, објасни Буфон, за одлуката да се пресели во францускиот шампион.

Тој, исто така, го прокоментира претстојниот меч со Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите.

– Кога ги добивме наждребот, можеби сите мислеа дека ПСЖ ќе победи. По промените во Јунајтед – со заминувањето на Жозе Мурињо и доаѓањето на Оле Гунар Солскјер, разликата помеѓу клубовите не е толку голема. Сега шансите за победа се 50:50. Пол Погба е совршен пример за тоа како можете да ја промените сезоната со само неколку работи. Ова покажа колку промената на тренерот може да направи разлика, смета голманот.

На крајот, Џиџи откри дека ова можеби не е неговата последна сезона како фудбалер.

– Имам опција за уште една година во ПСЖ. Се надевам дека повторно ќе потпишам. Мислам дека кога договорот има опција за уште една година, многу е важно двете страни да бидат задоволни. Задоволен сум и се надевам дека ќе останам, бидејќи знам дека тимот и јас можеме уште повеќе да се развиеме следната година, додаде тој.

Коментирај