
Стоејќи покрај спомен плочата поставена во спомен на нејзиниот 14-годишен син, кој беше убиен од пијан возач во центарот на Софија пред една година, Николина Петкова вети дека ќе се бори за да ги направи патиштата во Бугарија побезбедни.
„Ништо не може да го врати нашиот Филип“, рече таа. „Но, истапувам за ниеден родител веќе да не чека залудно детето да се врати дома“.
Бугарските патишта се најопасни во Европската Унија со 82 смртни случаи на милион жители, покажуваат официјалните податоци за 2023 година објавени од Европската комисија.
Шведска е најдобро рангирана меѓу 27-те членки на ЕУ со 22 смртни случаи на милион жители.
Таткото на Филип, Красимир Арсов, е еден од неколкуте ужалени родители кои го обвинуваат невнимателното возење, лошото одржување на патиштата и неефективниот правосуден систем за големиот број на смртни случаи во сообраќајот во Бугарија.
Во септември 2023 година Филип беше прегазен од пијан возач кој возел 88 километри на час, три пати поголема од дозволената брзина.
Спомен плочата до пешачкиот премин каде што загина, стана место за собирање пријатели и семејства на другите жртви кои бараат правда.
„Пред несреќата мислев дека живееме во нормална земја“, вели Арсов, 60-годишен инженер. „Но, кога разговарав со роднините на другите жртви, сфатив дека државата не ги штити животите на своите граѓани.“

По кобната несреќа, родителите на Филип се борат да ја подигнат свеста за ова прашање за да направат разлика.
„Ништо не може да го поправи тоа што ни се случи“, вели 52-годишната Петкова.
Но, таа критикува дека виновниците мислат дека можат да останат неказнети, владее непочитување на законот и неказнивост на виновниците.
„Човекот кој го уби нашиот син беше осуден за возење под дејство на алкохол пред 18 години, но помина со едноставна парична казна и повторно направи кривично дело“, рече таа.
По неколку месеци поминати во притвор пред судењето, на возачот му е одреден домашен притвор. Сега му се суди.
„Мораме да бидеме упорни - ништо нема да се смени додека реално не се имплементираат казните“, вели Петкова, која студирала право.
Но, се чини дека сообраќајните несреќи за кои речиси секојдневно известуваат медиумите ја подигнаа свеста за овој проблем кај најсиромашната членка на ЕУ, погодена од долга политичка криза.
Минатата година бугарскиот парламент усвои построги казни за луѓето кои возат под дејство на дрога. Автомобилите на обвинетите возачи сега се задржани додека трае судењето, дури и ако возачите претходно не биле казнети.
Судовите би можеле да го поништат законот со образложение дека тој го нарушува правото на приватна сопственост, но Петкова нагласи дека и човечките животи се „основно право“.

Полицијата конфискувала повеќе од 4.000 автомобили од воведувањето на построгите мерки, според официјалната статистика. Доколку возачите се прогласат за виновни, возилата се продаваат на аукција или се даваат на локалните власти или министерствата. Но, официјалните паркинзи се полни со запленети автомобили.
Се обидуваме да најдеме решение“ да ги префрлиме на поголеми паркинзи, изјави полицискиот службеник Иво Момчев.
Директорката на Агенцијата за безбедност на патиштата, Малина Крумова, рече дека одземањето на автомобили позитивно се одразило. Бројот на загинати во сообраќајот е намален од 2019 година, кога е основана агенцијата, рече таа, но бројот на повредени сè уште е во илјадници.

Бугарските патишта се многу фреквентни бидејќи земјата е порта кон ЕУ поради нејзината географска положба и тоа е една од главните причини за високата стапка на сообраќајни несреќи, рече Крумова. Но, ја обвинува и релативната сиромаштија во земјата.
Речиси половина од автомобилите регистрирани во Бугарија се постари од 20 години. Благите технички прегледи не ги отстрануваат опасните возила од коловозите, а многу лоша е и патната инфраструктура.