Хроника

Бугарка уапсена за измама во Скопје: Ветувала отстранување на црна магија

20. април 2019 - 16:38 | МИА

Скопје, 20 април 2019 (МИА) – Полициски службеници ја лишиле од слобода С.Н.Б. (56) од Република Бугарија, со живеалиште во Скопје, поради постоење основано сомнение дека, доведувајќи ја во заблуда, на жена од Скопје ѝ зела 700 евра и две златни лири.

Како што информира МВР, С.Н.Б. случајно ја сретнала оштетената во центарот на Скопје и, според пријавеното, во разговор ѝ кажала дека забележала дека има проблеми, дека ѝ е направена црна магија и дека таа може да ѝ помогне да ја истера магијата.

Тие имале средби во центарот на Скопје, при што во три наврати С.Н.Б. одзела вкупно 700 евра и две златни лири од оштетената.

При лишувањето од слобода, кај С.Н.Б. биле пронајдени златните пари и девизите и ѝ биле вратени на оштетената. За случајот бил известен Јавен обвинител, а по целосно документирање против С.Н.Б. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Коментирај