Авто новости

Bugatti објави тизер за новиот модел Divo, кој ќе чини 5 милиони долари

11. јули 2018 - 14:00 | К.З.

На крајот испадна дека гласините беа вистинити и Bugatti откри дека работи на нов хиперавтомобил. Неговото име ќе биде Divo а цената на елитниот автомобил се очекува да изнесува 5 милиони долари.

Новиот автомобил на Bugatti ќе биде многу ексклузивен и ќе биде произведен во само 40 примероци.

Bugatti на новиот модел му го даде името Divo по славниот француски возач Алберто Диво, кој во 1920-те двапати го освои Тарго Флорио трката како возач на тимот на Bugatti. Алберто Диво остана познат по учеството во планинските трки, па затоа моделот Divo ќе се фокусира на динамиката на управување во свиоци. За да го испочитува неговиот лик и дело, Bugatti реши да го овековечи неговото име преку новиот хиперавтомобил.

Овој автомобил ќе го користи истиот мотор како и Bugatti Chiron, кој има 1.479 коњски сили, ќе биде лесен и подвижен и особено би требало да се истакнува преку леснотијата на управување, дури и при најголеми брзини.

Иако моторот доаѓа од постариот модел на Bugatti, кај Divo ништо друго не е исто како кај другите автомобили. Тој би требало да изгледа моќно, многу аеродинамично и ќе биде изработен од најквалитетни материјали кои ќе му овозможат да извади максимум од неговите перформанси.

„Со Divo сакаме да ги воодушевиме луѓето ширум светот. Со овој проект тимот на Bugatti има шанса да ја вметне ДНК-та на компанијата во еден суперавтомобил кој ќе го покаже квалитетот со лесното и удобно управување“, вели Стефан Винкелман, шеф во фабриката Bugatti.

Bugatti Divo официјално ќе биде претставен на 24 август во Калифорнија, а купувачите ќе можат да го нарачаат уште веднаш по „скромна“ цена од 5 милиони долари за примерок.

Коментирај