Мобилните апликации за фитнес забележаа нагло зголемување на бројот на корисници за време на КОВИД пандемијата, објави BBC.

Strava, која има повеќе од 73 милиони корисници, соопшти дека просечно два милиони луѓе за првпат се регистрираат на нивната апликација секој месец. Апликацијата користи GPS технологија за регистрирање на вежбањето, најчесто трчање.
Фитнес-апликацијата Freeletics, која има повеќе од два милиони корисници во Велика Британија, забележа раст од 50% во периодот од март до јуни.
Д-р Шарлот Хилтон од британското здружение на психолози рече дека COVID-19 им даде на многу луѓе единствена можност да вежбаат повеќе затоа што имаат помалку причини да не го прават тоа.
„Ако ништо друго, вежбањето на отворено ни дава добредојдено олеснување од поминувањето толку многу време во затворен простор поради рестриктивните мерки“, изјави Хилтон за BBC.
Таа додава дека поради мерките против коронавирусот, луѓето се свртуваат кон апликации за вежбање за да бидат поврзани со луѓе кои подеднакво размислуваат и уживаат во вежбањето.

Strava забележа зголемување на вкупната количина на активности пријавени во апликацијата, а трчањето и возењето велосипед се покажаа како најпопуларни.
Оние кои веќе ја користат апликацијата, ги зголемија своите тренинзи за 13 проценти. Рекорден број на тркачи го завршија својот предизвик од пет километри, пишува BBC.
И од сите маратонски стази снимени преку апликацијата, Strava соопшти дека 44 проценти од корисниците трчале самостојно, откако биле откажани големи организирани настани ширум светот.
Членовите во апликацијата споделија повеќе од 400 милиони фотографии од тренинзите.