Tesla завчера ги отвори вратите на фабриката за електрични автомобили во Калифорнија, наспроти наредбите на локалните власти да не се рестартира производството.

Главниот извршен директор Елон Маск преку Twitter соопшти дека продолжиле со производство и дека тој ќе биде во погоните „заедно со сите други“.
Федералните и локалните власти во САД се обидуваат да одлучат кој е најдобриот начин да се рестартира работата на компаниите по олабавувањето на рестриктивните мерки воведени за заштита од коронавирусот.
Маск претходно вети дека ќе го премести седиштето на компанијата од Калифорнија ако не му биде дозволено да ја рестартира фабриката.
Сојузната држава Калифорнија воведе олабавување на мерките и дозволи рестартирање на производството, но локалните власти во Фримонт, Аламеда каде се наоѓа фабриката, уште немаат дадено дозвола за работење. Градот се наоѓа во близина на Сан Франциско.
Во саботата Маск соопшти дека Tesla поднела тужба против округот Аламеда со барање да се укине наредбата со која автопроизводителот се спречува да продолжи со производство.
Наместо да чека одлука од судот, Маск се пофали дека ја отвора фабриката.
Според e-mail од Tesla до вработените, до кој дојде новинската агенција Reuters, компанијата им кажала на работниците дека одлуката да се продолжи со работа е во согласност со препораките на државата Калифорнија.
Маск на Twitter се пожали дека Tesla е „издвоена“ и дека другите американски автопроизводители добиле дозвола да продолжат со производство.