Свет

Бурата Денис го врати на копно мистериозниот брод на духови

19. февруари 2020 - 18:18 | А.С.

Бурата Денис донесе силни ветрови, обилни врнежи дожд и поплави, но исто така го врати на копно напуштениот брод на духови MV Alta.

Ирската крајбрежна стража објави фотографии од напуштениот товарен брод што брановите го исфрлија на брегот на Каунти Корк, во близина на селото Баликотон.

Бродот на духови изгледа прилично драматично – напуштен, рѓосан и мистериозен наспроти убавиот ирски пејзаж.

Бродот најверојатно пловел илјадници километри низ Атлантскиот Океан во текот на најмалку една година, од југоисточниот дел на Бермудските Острови од каде заплови во 2018 година. Американската крајбрежна стража ги спаси членовите на екипажот на товарниот брод во септември, 2018 година.

„Тој е еден во милион“, рече шефот на локалната Крајбрежна стража Џон Татан. Тој за весникот Irish Examiner изјави дека никогаш не видел вака запуштен брод.

Товарниот брод Alta бил изгарден во 1976 година и низ годините менувал многу имиња и сопственици. Во септември, 2018 година бродот наиде на проблеми на патување од Грција кон Хаити. Откако снема гориво, Alta бесцелно пловеше 20-тина дена и помина околу 2.100 километри, доближувајќи се до Бермудските Острови, каде го забележала Американската крајбрежна стража.

Со оглед на тоа дека екипажот на Alta имал храна за уште само два дена, Американската крајбрежна стража изведе воздушна испорака на храна и други залихи. Бидејќи на областа ѝ се заканувал ураган, Крајбрежната стража одлучила да ги спаси десетте членови на екипажот и да ги однесе во Порторико.

Оттогаш, бродот пловеше напуштен. Последен пат беше забележан во септември 2019 година од брод на Британската кралска морнарица во средината на Атлантскиот Океан.

Во Каунти Корк дојдоа и експерти за заштита на животната средина за да утврдат дали од бродот течат некакви материи кои загадуваат. Се очекува Советот на Корк Каунти, Ирската крајбрежна стража и официјално службено лице овластено да решава спорни ситуации поврзани со напуштени или запленети пловни објекти, да одлучат што ќе се случи понатаму со бродот.

Според весникот Irish Times, се пријавило лице кое тврди дека е застапник на сопственикот на бродот. Во меѓувреме, истрагата продолжува.

Коментирај