Култура

Бужаровска за поставувањето на „Мојот маж“ во Драмски: Трогната сум што Нела ги оживеа на сцена моите раскази

13. февруари 2020 - 14:42 | А.С.

Претставата „Мојот маж“, работена според истоимената книга раскази од писателката Румена Бужаровска, во режија на Нела Витошевиќ, ќе има претпремиера утревечер во 20 часот, а в сабота премиера.

Од книгата на Бужаровска се избрани шест раскази чија драмска адаптација ја направија Викторија Рангелова-Петровска и режисерката Витошевиќ. Таа денеска на прес-конференција посочи дека претставата отвора три клучни теми: промашен живот во депресивно опкружување, неверство и грижа на совест. Се обиделе, рече, да нурнат во своите мисли и да трагаат по психата за да отворат горливи прашања во нашето општество.

„Преку отворање ранливи точки да проговориме за некои стигми и табуа кои се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и на многу искрен и реален начин да воспоставивме дијалог, не само со расказите на Румена, туку и со самата публика. Така што, целата претстава е наш дијалог со нејзините раскази и со самата публика“, истакна Витошевиќ.

Со Бужаровска разговаравме за идејата да се постави „Мојот маж“ како драмска претстава и за процесот низ кој поминале приказните од страници на сцена.

„Идејата беше на Нела. Сметаше дека расказите се доволно динамични, актуелни и интересни за да се постават, а имаше и предвид дека според новите текови во драматургијата нарацијата сѐ повеќе се користи, што овозможи расказите да ја задржат во својата структура“, вели Бужаровска за Kajgana.com.

„Секако, Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова потоа ги драматизираа и збогатија текстовите, додека Нела дојде до идеја да вметне и приказни од екипата во претставата, што ја прави како извесен колаж меѓу моите раскази и вистинските туѓи приказни.“

Бужаровска верувала во квалитетите на екипата уште од почетокот, а сепак е трогната од крајниот резултат.

„Знаејќи ја Нела како професионалец и како човек, знаејќи ги нејзините претстави, воопшто не се сомневав дека ќе направи нешто одлично. Задоволна сум од тоа што го гледам и прилично сум трогната не само поради тоа што моите раскази ги оживеа на сцена, туку и поради тоа што од нив произлегоа и нови, потресни и искрени приказни. За сето тоа одговорност сноси и и екипата, која е исклучително внесена и посветена на процесот, за што им се воодушевувам“, додава авторката за Kajgana.com.

Режисерката Витошевиќ за „Мојот маж“:, Инсистиравме јазикот на раскажување на Румена да остане што е можно поавтентичен

Актерите Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Велиќ, Исмет Шабановиќ, Игор Ангелов, Сара Климовска и Филип Трајковиќ покрај со актерската игра придонесуваат и со авторски монолози. Тие на прес-конференцијата ја опишаа претставата како емотивна, искрена и храбра зашто на сцената се „соголуваат“ и себеси, раскажуваат вистински  лични приказни, некои што не ги кажале ни пред најблиски.

„Секој од нас вади парче од својот живот на сцената. Но не за да покажеме колку можеме да се отвориме, туку за да им помогнеме на оние што се идентификуваат со она што е на сцената, рече Арсовска.

Режисерката и актерите се особено задоволни и од тоа што на сцена се поставува македонска авторка, притоа и позната и преведувана на Балканот.

За претставата „Мојот маж“

Драмската структура на театарската претстава „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа, драматизацијата на шесте раскази (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарениот материјал произлезен од авторските монолози.  Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел (авторските монолози) тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности. Расказите и авторските монолози  имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сѐ уште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото.

Играно-документарниот пристап, како жанровска определба и драматуршко режисерски концепт, е сеприсутен на европските театарски сцени, но е кревок/редок пример на македонската театарска сцена. Играно-документарниот пристап нуди едно сосема ново, поинакво театарско искуство, кое предизвикува силни емоции и соочување со себе и од себе, со себе кон другиот, од другиот кон себе. Тоа е редок колективен чин кој не е приземно сентиментален и патетичен, туку напротив длабоко е емпатичен и хуман. Присутноста на театарска спонтаност (кај актерот и гледачот) доведува до ослободување и отвара простор за различна театарска перспективност.

Коментирај