Светската премиера на новата видео игра Black Ops 6: The Truth Lies, која е сместена на почетокот на 90-тите и времето на Заливската војна, е закажана за 9 јуни.

Новиот дел од серијалот Call of Duty: Black Ops 6 штотуку го доби својот прв „вистински“ трејлер, бидејќи во изминатите неколку дена претходно беа објавени две пократки „тизер“ видеа.
Black Ops 6: The Truth Lies е сместен во раните 90-ти и Заливската војна, но некои гласини сугерираат дека кампањата би можела да опфати поширок опсег на конфликти.
Периодот во кој се одвива дејствието на играта можеше да се погоди од претходниот тизер Open your eyes, во кој покрај старите реклами од тој период, има и видеа од поранешните американски претседатели Бил Клинтон, Џорџ Буш (Постариот), потоа извештаи во весниците од 1991 година, како и краток кадар од поранешниот ирачки лидер Садам Хусеин.
Во неодамна објавениот трејлер (видеото подолу), „Галеријата на ликови“ е дополнета со ликовите на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер и американскиот генерал и поранешен државен секретар (од времето на мандатот на Буш Помладиот) Колин Пауел.
Развојниот тим на новата игра Call of Duty создаде и веб-страница www.thetruthlies.com, на која има приказ на „старомодниот“ CRT телевизор преку кој со менување на каналот може да се гледаат неколку различни видео кои ја лоцираат играта во споменатиот период.
Како што е наведено на крајот од трејлерот, светската премиера на новата видео игра Black Ops 6: The Truth Lies е закажана за 9 јуни.
Дури се шпекулираше дека играта може да содржи и мисија која се одвива на 11 септември 2001 година, за време на терористичките напади на Њујорк и Вашингтон, настан што се случи повеќе од една деценија по завршувањето на Заливската војна.
Најавата дека играта ќе биде наслов на „првиот ден“ на Xbox Game Pass не значи дека во исто време ќе биде и ексклузива за Xbox. Како дел од своите деловни напори да го имплементира купувањето на Activision Blizzard во средината на октомври минатата година, Microsoft обезбеди поддршка од повеќе платформи за серијата игри Call of Duty во следната деценија, вклучувајќи ги и конзолите на Nintendo.