Филм & ТВ

Captain Marvel ќе биде новиот лидер на филмскиот универзум на Marvel

18. јуни 2018 - 19:35 | К.З.

Првиот филм од филмската франшиза на Marvel со женски главен лик, „Captain Marvel“ ќе го претстави и новото заштитно лице на најпрофитабилниот филмски серијал на сите времиња.

Оскаровката Бри Ларсон ќе биде новото заштитно лице и лидер на филмската франшиза на студиото Marvel, објави извршниот продуцент на Marvel, Кевин Фиг.

Според зборовите на Фиг, Бри Ларсон (Captain Marvel) ќе биде новиот лидер на филмскиот универзум на Marvel (MCU) во четвртата фаза од франшизата, и со тоа ќе ги наследи постоечките двајца лидери Роберт Дауни Џр. (Iron Man) и Крис Еванс (Captain America).

Ликот на Captain Marvel за првпат ќе се појави на екраните во нејзиниот соло филм, наречен едноставно „Captain Marvel“, кој ќе излезе во март 2019 година. Нејзиното вистинско име е Керол Данверс и таа е воен пилот која добива супермоќи откако нејзината ДНК ќе биде измешана со вонземјански паразит за време на една несреќа.

Филмот има дуо од режисери – Ана Боден и Рајан Флек, а во него ќе го видиме враќањето на Ник Фјури (Семјуел Л. Џексон). Помеѓу новите актери кои ќе се појават во филмот се Џад Лоу, Анет Бенинг, Бен Менделсон и Џема Чен.

Коментирај