Македонија

Царовска: Реформата во пензискиот систем обезбеди намалување на дефицитот и зголемување на пензиите

5. декември 2019 - 19:02 | МИА

Прилеп, 5 декември 2019 (МИА) – Со јануарската пензија, пензионерите ќе добијат покачување од 700 денари, а до јуни усогласувањата во просек ќе ги зголемат пензиите за 900 денари, нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешната, попладневна, средба со пензионерите во нивното Здружение во Прилеп.

Според Царовска, реформата во пензискиот систем дала одлични резултати со што се намалил дефицитот, а со порастот на минималната и на просечната плата, се создадоа услови за покачување на пензиите.

- Владата се грижи за сегашните, но и за идните пензионери. Реформата во пензискиот систем даде одлични резултати, со што заштедивме 3,7 милијарди денари во буџетот на пензискиот фонд. Тоа покажува дека дефицитот се намалува. Годинава имаше пораст на економијата, 15 отсто се зголеми минималната плата и 5 проценти забележа пораст просечната плата. Тоа создаде услови и за зголемувањето на пензиите. Затоа воведовме трето, дополнително, усогласување кое ќе почне со исплатата на јануарската пензија (во почетокот на февруари). Сите пензионери ќе добијат по 700 денари. Воедно, пензионерите ќе ги добијат и дополнителните две усогласувања на пензиите, што до јуни наредната година зголемувањето просечно би изнесувало по 900 денари. На овој начин ја покажуваме грижата и за работоспособното население и за пензионерите, изјави Царовска.

Славко Трајкоски, претседател на прилепското Здружение на пензионери рече дека првпат министер за труд и социјална политика е меѓу пензионерите да ги слушне нивните потреби и барања.

- Откако сум пензионер 11 години, првпат со нас е министер за труд и социјална политика за да разговараме за тековните потреби и активности на пензионерите. Секако, главните прашања на пензионерите се околу висината на пензијата. Пензионерите ги има во голем број и ги имаат своите прашања до министерката, рече Трајкоски.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски многу е битно да се решаваат потребите што ги имаат пензионерите и во поглед на секојдневното живеење.

– За кусо време повторно сум со пензионерите и разговараме за нивните потреби во секојдневното живеење. Дискутираме за желбите и за потребите на прилепските пензионери. Освен пензиите, пензионерите ги интересираат условите за живот во градот како и активностите на јавните комунални претпријатија, рече Јованоски.

Во Прилеп, Кривогаштани и во Долнени се вкупно 14.530 пензионери, од нив, само во Прилеп, се 12.500.

Коментирај