Филм & ТВ

„Cats“ – Џуди Денч ќе се појави во филмската адаптација на најпознатиот бродвејски мјузикл

19. октомври 2018 - 14:26 | К.З.

Култниот „Cats“ беше најдолго прикажуваниот мјузикл на Бродвеј, пред да биде заменет со „The Phantom of the Opera“ во 2006 година. Поради огромната популарност, мјузиклот ќе биде адаптиран во долгометражен филм во кој една од главните улоги ќе ја има Оскаровката Џуди Денч.

Откако веќе беа најавени Тејлор Свифт, Џенифер Хадсон, Ијан Меккелен и Идрис Елба во неколку од улогите, нив им се приклучува и Џуди Денч, која е едно од класичните големи имиња на актерската сцена.

Актерот Идрис Елба ќе ја преземе улогата на Макавити, негативецот во мјузиклот, додека Џуди Денч ќе се појави во улогата на Стариот Деутереноми, лидерот на племето Џеликл кој ќе биде киднапиран од Макавити.

Улогата на Деутереноми во сценските изведби досега секогаш му припаѓаше на маж. Се работи за стар, мудар мачор кој живее веќе неколку животи. Тој ја има довербата на сите мачки од племето, но и од луѓето и кучињата. Ова ќе биде првпат жена да се појави во улогата на Деутереноми.

Мјузиклот е базиран на книгата „Old Possum’s Book of Practical Cats“ на Т.С. Елиот и за првпат беше изведен во Лондон во 1981 година. Џуди Денч требаше да ја игра улогата на Гризабела во оригиналната изведба но мораше да се повлече откако ја повреди ахиловата тетива. Улогата ѝ припадна на Илејн Пејџ, која доби легендарен статус баш поради појавувањето во „Cats“.

Коментирај