Се укинува повластената струја за компаниите од прехранбената индустрија и се замрзнува цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, одлучи Владата.
Ова го соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што рече Ковачевски, помина доволно време од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки, а дел од прехранбените компании не ги намалија соодветно цените на своите производи. Тоа го утврдиле инспекциските контроли.
Тој напомена дека владините мерки за поддршка не се донесоа за едни да бидат повластени на сметка на други, за некој да се богати, за поединци да имаат бенефит и за да се удри по џебот на граѓаните, туку со единствена цел – да се намалат цените на основните производи и да им се помогне на граѓаните.
Одлуката што денеска ја донесе Владата со која се укинува субвенционираната цена на електричната енергија за компаниите од прехранбениот сектор, откако најголемиот дел не ја намалија цената на основните производи, се очекува утре да биде објавена во Службен весник.
Производителите на основните прехранбени производи по 1 април ќе се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја.
Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши, согласно мрежните правила и договорот што го има ЕСМ продажба со сите производители ќе треба да ги информира дека ќе треба да најдат друг снабдувач со електрична енергија.
-Договорите се потпишани согласно со претходните мрежни правила. Согласно тие одредби треба да постапиме. Не можеме да се доведеме до ситуација да можат некои да се жалат имајќи ги предвид обврските што ги презеде ЕСМ продажба и да направиме дополнителна штета на договорите, но повеќе од 20 дена не би требало да помине рокот, од 1 април сите што добија субвенционирана струја согласно мрежните правила и тоа што го најавивме, нема да добиваат, рече Бектеши на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски на која беше објавено и дека се замрзнува цената на лебот до 31 мај годинава.
Посочувајќи дека во извештајот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) има детални податоци за секоја компанија која добила субвенции, рече дека повеќето од околу 250 компании не го испочитувале договорот за намалување на цените, а дел ги намалиле за седум до 12 отсто согласно со очекувањата на Владата.
Одлуката за повластена цена на струјата за прехранбениот сектор е во сила од декември лани.
-Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволен период од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки за цените да се усогласат зашто помошта од државата беше навремена и реална. Иако прехранбените компании добиваа субвенционирана струја, цените на своите производи не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени производи. Дел ги намалија цените од седум до 12 проценти. Затоа, на денешната владина седница ја укинавме мерката за повластена струја. Производителите на прехранбени производи ќе се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со електрична енергија. Ја замрзнуваме и цената на белиот и полубелиот леб, сечен и на парчиња или цел, на 33 денари, односно цена од 33 денари по леб со тежина од 450 грама и повеќе, а за леб под 450 грама се утврдува цена до 33 денари соодветно на тежината на лебот, истакна Ковачевски.
Бектеши: Компаниите не се оштетени со замрзнувањето на цената на лебот
Не им се ускратува ништо од калкулациите на компаниите, само дополнителниот профит што некои од нив, не повеќе од десетина, сакаат да го прават согласно утврдените планови, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши, одговорајќи на новинарско прашање во врска со донесената владина одлука да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.
Според него, моменталната цена на брашното е 26 - 28 денари по килограм што е соодветно за цената на белиот и полубелиот леб до 450 грама да биде максимум 32 денара.
-Сметаме дека тоа е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит што останува кај пекарите. Значи, 32 денара со шест денара профитна маржа од страна на пекарите, пет отсто маржа од трговците или во малопродажба и пет отсто ДДВ, истакна министерот.
Тој повтори дека замрзнувањето на цената на лебот е времена мерка за да нема злоупотреба на поддршката што ја добиваат компаниите од државата. Тоа, како што напомена Бектеши, се пари на граѓаните.
На прашањето дали треба земјава да ги следи примерите во другите држави во однос на лебот, Бектеши е дециден дека ние имаме свои институции и носиме сопствени политики врз основа на ситуацијата во нашата економија.
-Не треба да следиме примери од други држави како Албанија, Србија и други. Имаме наши институции кои работат секојдневно и изготвуваат извештаи. Ние како држава носиме наши политики согласно ситуацијата во нашата економија. Ако Србија ги субвенционира компаниите во делот на брашното, ние ги субвенционираме во делот на струјата, ако друга држава ги субвенционира во делот на квасецот, ние можеме да донесеме друга мерка. Целта е да се намалат крајните цени за граѓаните и тоа ние ќе го постигнеме со Владата на Ковачевски, подвлече министерот и уште еднаш ги повика стопанските комори на средба и изнаоѓање заедничко решение.
-Да седнеме, да разговараме да ги соочиме аргументие, јавно да ги кажеме сите трошоци. Нека кажат што добиле од државата и да излеземе со најдобротое решение, рече Бектеши.