Цените на нафтата денеска се стабилизираа блиску до нивото од 81 долар на меѓународните пазари, бидејќи најголемите производители потврдија дека планираат да ја зголемат понудата, отфрлајќи ги настрана стравувањата од ескалација на тензиите на Блискиот Исток по атентатот на лидерот на Хамас.
На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во септември по пладне беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 80,76 долари. Вчера ја затвори трговијата во плус од 2,09 долари.
На американскиот пазар барелот денеска се тргуваше по пониска цена за 20 центи, по 77,71 долар. Вчера тој ја затвори трговијата со добивка од 3,18 долари.
Трговците синоќа беа загрижени од ескалација на тензиите на Блискиот Исток по атентатот на палестинскиот лидер на Хамас Исмаил Ханија во Техеран. Израел изјави дека целта на неговата војна во окупираниот палестински Појас Газа е уништување на палестинската вооружена група. Во меѓувреме, Тел Авив објави дека го убил лидерот на либанскиот Хезболах.
Иранскиот врховен верски водач Али Хамнеи наредил, според извештаите на медиумите, директен напад врз Израел поради убиството на палестинскиот лидер на иранска територија. Наредбата, наводно, била издадена на кризната средба на Врховниот совет за национална безбедност на Иран во средата наутро.
Ширењето на вооружените конфликти на поширокиот Блиски Исток може да го наруши производството во регионот кој произведува една третина од светската нафта.
Цените беа поттикнати од остриот пад на залихите на сирова нафта во САД минатата недела, за 3,4 милиони барели, покажуваат податоците на Министерството за енергетика. Залихите на бензин исто така се намалени за 3,7 милиони барели.
Трговците внимателно ги следат податоците за залихите за да ја измерат побарувачката во САД во екот на летната сезона на патувања.
Вниманието сега е префрлено на состанокот на министрите од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници за производната политика.
Министрите потврдија дека од октомври до септември идната година постепено ќе ја зголемуваат понудата за 2,2 милиони барели дневно, што го намалија за поддршка на цените. Сепак, тие повторија дека во октомври може да ја прекинат одлуката или уште повеќе да ја намалат понудата, во зависност од состојбата на пазарот.
ОПЕК+ моментално ја намалува понудата за вкупно 5,86 милиони барели дневно, што одговара на околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка.
Растот на цените беше задржан и од загриженоста за кинеската побарувачка, рече Пријанка Сачдева од Philip Nova.
Активноста во кинескиот индустриски сектор благо се намали во јули трет месец по ред, покажаа официјалните податоци во средата. Според истражувањето на Caixin и S&P Global, тој паднал за прв пат по девет месеци.
Одделно, ОПЕК објави дека цената на барел нафтена кошница на нејзините членки во средата се зголеми за 1,07 долари на 80,65 долари.