Возилата со едноставна конструкција и старински технологии може да издржат и најтешки оштетувања и пак да функционираат, а за тоа доказ е легендарното комбе на „Volkswagen“, модел Type 2 од Бразил.
На Facebook беше објавено неверојатно видео на кое се гледа како смачканото и речиси преполовено комбе вози на сопствен погон откако врз него паднало огромно стебло.
Се чини дека ова комбе, покрај тешката судбина што го снашла, уште е во состојба да вози, да врти во кривина и да кочи како и секое друго неоштетено возило, со таа разлика што шоферот не влегува внатре преку вратата, туку низ скршената шофершајбна.
Миникомбето VW Type 2 е создадено во средината на 20. век. Ова возило, со мали дополнувања, се произведуваше подолго од половина век, а во Бразил се произведуваше до пред неколку години. Низ светот се продаваше под разни ознаки на моделот: Transporter, Camper, Microbus...
Моторот е поставен назад, како и резервоарот, па ударот од стеблото не го прекинал дотокот на бензин, а благодарение на едноставната конструкција и инсталацијата што поминува по подот, виталните системи и конструкцијата на возилото останаа сочувани.
Додека за повеќето современи возила со најнова технологија и електроника по вакво оштетување ќе требаше да се вика шлеп-служба, комбето само дојде до гаража.
Корисниците на социјалните мрежи го нарекуваат комбето „Чак Норис“ поради неговата неуништливост.