Фудбал

Чави: Трансферот на Гризман може да предизвика проблеми

21. мај 2019 - 16:02 | К.З.

Минатото лето Французинот реши да остане во Атлетико Мадрид за да се обиде да освои уште некој трофеј, но разочарувачката сезона го остави без избор и поради тоа, Гризман реши дека е вистински момент да си замине од клубот. Следната дестинација е веројатно Барселона, но постои одредено ниво на скептицизам околу неговиот трансфер.

Легендата на Барселона, Чави Хернандез, препознава потенцијални проблеми за трансферот на Антоан Гризман, додека светските медиуми ги подгреваат гласините дека трансферот ќе се случи, порано или подоцна.

Гризман го информираше Атлетико Мадрид и навивачите на клубот дека сака да ја продолжи кариерата во друг клуб, а раководството на клубот го прифати неговото барање и сега чека понуди од најбогатите клубови во светот. Неговата откупна клаузула изнесува 125 милиони евра, а како што стојат работите, Барселона е најсериозен кандидат за потписот на светскиот шампион.

„Минатат година Гризман ја одби Барселона, а тоа веројатно ги погоди другите играчи. Сите сакаат да имаат светски шампион во своите редови, но само ако играчите се согласат на тоа“, изјави Чави Хернандез.

Неговото решение е едноставно: клубот и неговото раководство треба да разговараат со играчите дали тие би сакале да се случи овој трансфер. Но, треба да се имаат на ум и другите фактори, предупредува Чави.

„Уште една работа на која треба да се внимава е тренерот. Што правиме доколку тој не го сака трансферот кој го договара раководството?“, додава Чави.

Пред неколку дена тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, најави дека клубот веќе започнал контакти за трансфер на „голема ѕвезда“, но не сакаше да потврди дали се работи за Антоан Гризман или некој друг.

Коментирај