Англиски Челси моментално го има најскапиот тим на целиот свет, а со него само уште два клуба, и двата од Премиер лигата, имаат играчи вредни повеќе од милијарда евра.
Според специјализираните веб-страници, играчкиот кадар на „Сините“ од Лондон збирно вреди 1.280.000.000 евра, а на тој список се и играчите од Б листата и оние што се на позајмица, но се врзани за тимот од „Стемфорд Бриџ“.
Тоа не само што е најскапиот тим оваа сезона, туку и највредниот тим во историјата на фудбалот, бидејќи ниту еден клуб досега немал играчи чија вредност е поголема од оваа на првиот тим на Челси.
На листата на 10-те најскапи тимови сезонава има уште шест екипи од Премиер лигата, а Манчестер Јунајтед (1,03 милијарди) и Манчестер Сити (1,01 милијарда) се единствените кои ја пробија границата од милијарда евра.
Четвртата позиција на оваа листа на богати му припаѓа на Арсенал со тим вреден 798 милиони евра, на петтото место е Тотенхем со 787 милиони. На шестата позиција е ПСЖ со 772, а потоа следи Ливерпул со 735 милиони, актуелниот европски првак Реал Мадрид со 720 милиони, Њукасл има тим вреден 683 милиони, а на десеттото место е Јувентус чии првотимци вредат 626 милиони евра.