Лидерот во англиската Премиер лига, Ливерпул, синоќа во неверојатен натпревар од 14-тото коло киксна на дуелот со Њукасл, со кој на „Сент Џејмс Парк“ ремизираше 3:3 во неверојатна партија.
„Страчките“ пружија силен отпор против фаворизираните „Црвени“, а избраниците на Арне Слот се лизнаа на ова гостување, иако беа блиску до победа по пресврт, бидејќи на овој меч двапати губеа, а на крајот заврши нерешено.
Најпрво Александер Исак го доведе Њукасл во водство во 35. минута од средбата, кога му асистираше Бруну Гимарајш, а Ливерпул се врати на отворањето на вториот дел.
Тогаш Куртис Џонс во 50. минута погоди за 1:1 на асистенција на Мохамед Салах, а во 62. минута Њукасл успеа да ја врати предноста кога Ентони Гордон погоди за 2:1, а овојпат во улога на асистент беше Исак.
Ливерпул повторно имаше подготвен одговор, бидејќи Салах само шест минути подоцна израмни на 2:2.
Кон крајот од натпреварот Ливерпул го скрши отпорот на „Страчките“ и со уште еден гол на Салах во 83. минута поведе со 3:2, но Њукасл имаше сили да возврати и со голот на Фабиан Шер во 90-тата минута дојде до 3:3 и бод.
Киксот на „Црвените“ го искористи Челси, кој со победата од 5:1 над Саутемптон се искачи на второто место и влезе во борбата за титулата бидејќи сега заостанува 7 бода зад Ливерпул, што сепак не е малку.
Головите за „Сините“ ги постигнаа Аксел Дисаси, Кристофер Нкунку, Нони Мадуеке, Кол Палмер и Џејдон Санчо.
Нешто подоцна на терен истрчаа играчите на Арсенал и Манчестер Јунајтед, а „Топчиите“ со победа исто така го искористија киксот на Ливерпул и на табелата се израмнети со Челси.
Откако првиот дел заврши без голови, Арсенал отпорот на „Црвените ѓаволи“ го скрши по паузата кога постигна два гола, а погодија дефанзивците Јуриен Тимбер и Вилиам Салиба. Тимбер постигна гол по центаршутот на Деклан Рајс, додека Томас Парти асистираше за голот на Салиба.
Победа забележа и Манчестер Сити кој на „Итихад“ лесно се справи со Нотингем Форест и славеше со 3:0.
Стрелци за „Граѓаните“ беа Бернарду Силва, Кевин Де Брујне и Жереми Доку, со што избраниците на Пеп Гуардиола стигнаа до победа по 7 натпревари во низа во кои не знаеја за триумф.
Резултати:
Евертон - Вулверхемптон Вондерерс 4:0
Манчестер Сити - Нотингем Форест 3:0
Њукасл Јунајтед - Ливерпул 3:3
Саутемптон - Челси 1:5
Арсенал - Манчестер Јунајтед 2:0
Лестер Сити - Вест Хем Јунајтед 3:1 (вторник)
Денеска играат:
Фулам - Брајтон & Хоув Албион (20:30)
Борнмут - Тотенхем Хотспар (21:15)
Табела: