Фудбал

Челзи го договори трансферот на Кристијан Пулишиќ

2. јануари 2019 - 13:38 | К.З.

Раководството на Борусија Дортмунд денеска потврди дека младиот Американец Кристијан Пулишиќ е продаден на Челзи во трансфер вреден 58 милиони фунти, но ќе остане дел од составот на „милионерите“ до крајот на оваа сезона.

Помина само еден ден од јануарскиот преоден рок а Челзи веќе го доби првото засилување. Кристијан Пулишиќ е нов играч на „сините“ од Лондон, но неговата авантура во Премиер лигата ќе започне на лето, откако ќе биде отворен летниот преоден рок.

Челзи го комплетираше трансферот на Пулишиќ вреден 58 милиони фунти, но го остави Американецот да ја доврши сезоната со неговиот клуб Борусија Дортмунд, пред да му се приклучи на лондонскиот тим веќе од следното лето. Крилниот напаѓач има 20 години и сезонава одигра 18 натпревари во сите конкуренции и забележа 3 гола и 4 асистенции.

„Неговиот сон отсекогаш беше да игра во Премиер лигата. Тоа сигурно е поврзано со неговото американско потекло и од таа причина не можевме да се договориме за продолжување на договорот. За да ја исполниме неговата желба, ја прифативме понудата од Челзи“, изјави Михаел Зорк, спортскиот директор на Борусија Дортмунд.

Со овој трансфер Кристијан Пулишиќ стана најскапиот Американец на сите времиња, а директорката на Челзи, Марина Грановскаја, рече дека е исклучително задоволна поради тоа што клубот го купува еден од најбараните млади играчи во светот.

Коментирај