Планетата Земја нуди многу природни богатства, а еден исклучителен примерок имаме во нашето балканско соседство.
Древни градски ѕидини, смарагдни водопади, амфитеатри за гладијаторски борби, острови чија површина изгледа како површината на Месечината, сафирни лагуни... Звучи како земја од роман, нели? Сепак, сето ова може да се најде во Хрватска.
Туристичката понуда на земјата вклучува бројни природни и историски богатства познати низ целиот свет. Сепак, вреди да се посетат и помалку познатите места кои, подеднакво го заслужуваат нашето внимание како и некои популарни туристички дестинации.
Во тој контекст, ви го претставуваме островот Баљенац (или Бављенац), познат и како остров-отпечаток.
Луѓето често се прашуваат кој го „создал“ островот-отпечаток. Дали е можеби вештачка креација или е природно чудо? Одговорот е - и двете. Изгледот на островот доаѓа од структурите, таканаречените суви ѕидови кои се протегаат по целиот остров.
Ѕидовите се разгрануваат со брановидни, кружни движења, па изгледаат како отпечаток од човечки прст. Во комбинација со кружниот облик на територијата, патеките од камените ѕидови му даваат на островот уникатен изглед, што непогрешливо потсетува на отпечаток од човечки прст кога ќе го погледнете одозгора.
Островот Баљенац се наоѓа веднаш до островот Каприје во Шибеник, а жителите на ова место го користеле необичниот остров како своевидна земјоделска област. Тие успеале да ја исчистат дивата вегетација и да изградат ѕидови со голи раце, со цел да создадат лозја и обработливо земјиште, каде што ќе можат да садат смокви и други плодови.
Денес, овој мал остров е под заштита на УНЕСКО и служи како сведоштво за една историја.