Култура

Чудото од дете Даниел Харитонов утре настапува со Македонската филхармонија

17. јануари 2018 - 11:21 | А.С.

Првиот симфониски концерт во новата година под наслов „Лауреати“ на Македонската филхармонија ќе се одржи утревечер, 18 јануари, во 20 часот, со гостување на виртуозот на пијано, младиот Даниел Харитонов.

За македонската публика, рускиот солист и „чудо од дете“ Харитонов ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист, а на програмата се и увертирата „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

Диригент на концертот ќе биде почитуваниот маестро Даниел Рајскин од Русија.

Харитонов е роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, а се прослави како еден од највпечатливите таленти на 15. меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, кога имаше смао 16 години.

Како најмлад учесник, неговата триумфална изведба таа година му ја донесе третата награда. За кратко време, со право се здоби со епитот „чудо од дете“ и оттогаш ја одушевува публиката со неговите виртуозни изведби со престижни оркестри и врвни диригенти.

Билетите по цена од 300 и 400 денари можете да ги набавите на билетарницата во Македонската филхармонија, секој ден од 10 до 20 часот.

Коментирај