Регион

Ципрас: Со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот

8. јули 2019 - 9:42 | МИА

Граѓаните ја донесоа нивната одлука, целосно ја почитуваме одлуката на народот, рече вчера грчкиот премиер во заминување на почетокот на неговото обраќање пред новинарите, но и пред јавноста од прес-центарот во салата за конференции Запио, јави дописничката на МИА од Атина.

-Се боревме и постигнавме многу секогаш со крената глава и сега, повторно со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот. Со крената глава бидејќи знаеме дека Грција што ѝ ја предаваме на новата влада нема никаква врска со тоа каква беше Грција кога ја презедовме, истакна Ципрас.

Грчкиот премиер во заминување рече дека стапил во контакт со Кирјакос Мицотакис за да му честита за победата и утре ќе го прими во премиерската палата за да му ја предаде функцијата.

Алексис Ципрас истакна дека тие ќе бидат одговорна и динамична опозиција, а говорејќи за изминатите четири години рече дека донеле тешки одлуки и презеле тешка политичка цена, кое и денес го плаќаат, бидејќи „изборната доминација на Нова демократија е јасна“ и додаде дека изборниот резултат не е стратешки пораз за СИРИЗА.

-Денеска, за нас, за мене, за СИРИЗА се затвора еден голем и тежок циклус, рече Ципрас, истакна дека ќе разгледаат се што сториле и она што било правилно но и грешките што ги направиле и ќе ја презеде одговорноста.

Мицотакис денес ја презема функцијата премиер на Грција

По синоќешната победа на Нова демократија на предвремените парламентарни избори во Грција и можноста сама да формира еднопартиска влада, Кирјакос Мицотакис денес, ќе положи свечена заклетва во претседателската палата и официјално ќе ја преземе функцијата премиер на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Утрово се очекува службениот министер за внатрешни работи на Грција, Андонис Рупакиотис да го извести претседателот на Парламентот, Никос Вуцис за резултатите од изборите, потоа Вуцис да му го соопшти на претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, распоредот на силите во Парламентот. Веднаш потоа Павлопулос ќе му го даде, на победникот на изборите, Кирјакос Мицотакис, мандатот за формирање влада по што новиот премиер ќе положи свечена заклетва, закажана за 13 часот по локално време.

Неофицијално, според најавите во Грција, во текот на денешниот ден ќе има и примопредавање на функцијата, односно Алекис Ципрас ќе му го предаде премиерскиот кабинет на Кирјакос Мицотакис, а веројатно во попладневните часови ќе биде соопштен и составот на владата.

Новата грчка Влада, најверојатно утре ќе положи свечена заклетва во претседателската палата во Атина.

Кирјакос Мицотакис лесно ќе ја формира владата со оглед на тоа дека не е потребно да бара коалиционен партнер, а во едно од неговите предизборни интервјуа рече дека имињата на министрите му се веќе подготвени.

На вчерашните предвремени парламентарни избори, централно десничарската партија освои 158 пратенички места што се доволни за да формира еднопартиска влада.

Со пребројани 99 нотсто од гласовите, според официјалните податоци од грчкото МВР, Нова демократија е прва со 39,85 отсто, односно 8,32 отсто повеќе од СИРИЗА, додека пак изненадувањето на изборите е тоа што Златна зора, не успева да ја достигне потребната граница од три отсто за влез во Парламентот и останува без пратенички места.

Поконкретно:

Нова демократија 39,85 отсти – 158 пратенички места

СИРИЗА 31,53 отсто – 86 пратенички места

Движење на промена 8,09 отсто – 22 пратенички места

Комунистичка партија на Грција 5,31 отсто – 15 пратенички места

Грчко решение 3,69 отсто – 10 пратенички места

МЕРА25 3,44 отсто – девет пратенички места.

Коментирај