Разубавете ја градината или балконот со цвеќе кое не бара многу внимание и кое трае со години.
Девојкиното око, познато и како царево око, или стручно Coreopsis, природно расте во прериите и сувите рамнини на Северна Америка. Припаѓа на семејството Asteraceae. Ова повеќегодишно растение е идеално растение за секоја градина затоа што не бара многу во однос на одгледување, му одговара секоја градинарска почва, отпорно е на суша, сака топлина и директна сончева светлина, а цвета од лето до првите есенски денови.
Расте во форма на грмушка, во зависност од сортата, од 30 до 120 сантиметри. Листовите се темнозелени и пердувесто составени. Цветовите се обично светложолти, двојни или единечни. Се размножува со семиња кои се сеат на отворено, на посакуваното место во градината на пролет. Младите растенија се пресадуваат на растојание од 20 сантиметри.
Coreopsis сака сончево место во градината и пропустлива почва. Откако ќе се прилагоди на условите на градината, трае со години. Цветањето може да се продолжи со отстранување на потрошените цветови. Секоја трета година треба да се делат грмушките и да се остават најјаките, за да се подмладат.
Забелешка: Отпорно е на суша и може да преживее со многу малку вода, но секоја пролет потребно е да му се стави тенок слој компост околу за да се задржи влагата и да се спречи растот на плевелот.