Интервју со Ивана Мирчевска, селектор на Филозофскиот филмски фестивал

Да се претстават убавините на филм-есејот пред македонската публика е големо задоволство и уште поголема одговорност

Ивана Мирчевска – магистер по сликарство на Академијата за ликовни уметности во Брера, Милано – е интердисциплинарна уметница од Скопје, која веќе со години (преку инсталации, изложби, архиви, движечки слики...) создава и експериментира во рамки на нешто што воопштено би можеле да го наречеме „визуелна есеистика“. Оттука, веројатно и не ни претставуваше големо изненадување кога дознавме дека организаторите на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) се одлучиле токму на Мирчевска да ѝ ја доделат честа – и одговорноста! – да ја направи првата официјална селекција на видеоесеи во рамки на новиот програмски сегмент додаден кон овогодинешната програма на ФФФ. Ете ни убав повод... за еден уште поубав разговор!

Годинава, во рамките на своето 14. издание, Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) се одлучи за првпат во својата програма да воведе и селекција на видеоесеи. Па, како се чувствувате како инаугурален селектор? Што значи за Вас ваквата улога и каков предизвик претставува?

Особено ми е драго тоа што, еве, и во тукашниот филмско-фестивалски пејзаж, есеј-филмот си го најде своето место, и тоа во рамки на овогодинешната програма на Филозофскиот филмски фестивал! Фестивалот е, впрочем, една од ретките локални манифестации која негува разбирање на филмот од поширока интердисциплинарна перспектива, притоа доближувајќи ги до овдешната публика и оние порадикални филмски изрази (историски, но и современи) кои всушност и ги имаат изградено условите за постоењето на нашата денешна филмска, но и визуелна култура. 

Токму во овој контекст, улогата на инаугурален селектор, освен што ми претставува големо задоволство, носи и голема одговорност, а и низа предизвици. Предизвиците произлегуваат, пред сѐ, од должноста што посоодветно да се воведе и презентира овој формат на филмски експериментален израз пред публика која досега имала релативно мала изложеност на ваков тип на содржина. Предизвик, секако, претставува и одговорноста кон стотиците филмски дела кои беа разгледувани и кои бараа посветено внимание за во нив да можат да се препознаат нивните креативни, дискурзивни, преиспитувачки и поетични квалитети. 

А не треба да се заборави и тоа дека улогата на селектор изискува и носење на еден друг вид одлуки, како оние врзани со целовитоста на селекцијата, односно со обидот на публиката да ѝ се овозможи значајно филмско искуство долж целата двочасовна програма, а сѐ со цел што поцелосно да ѝ се долови многудимензионалноста и релевантноста на овој интердисциплинарен филмски формат.

Како го гледате потенцијалот на видеоесеите да комуницираат сложени филозофски идеи? Можете ли да направите некоја споредба меѓу тој потенцијал и оној на кратките и долгометражните филмови кои, еве, редовно се дел од програмата на ФФФ? Можеби и полесно е да се споделат филозофски идеи низ видеоесеј, но дали истите се така и покомуникабилни? 

Видеоесејот – или, еднакво често, есеј-филмот – е експериментална, хибридна и рефлексивна аудиовизуелна форма која, впуштајќи се во истражувања на конкретни теми и прашања низ призмата на интересот и интелектот на самиот автор, ги замаглува границите меѓу фикцијата и фактот. Еден од начините да се долови оваа лиминалност на формата е преку една од нејзините наједноставни дефиниции: спој од документаристички, авангардни и експериментални филмски импулси.

Но, иако произлегува од документарната форма, есеј-филмот е насочен, пред сѐ, кон истражувања на личното, на субјективното и на поетичното. Независно дали во фокус се архивски материјали, пронајдени снимки или пак анимација, низ употребата на субјективен наратор, есеј-филмот се труди да генерира нови значења, преиспитувајќи ја востановената репрезентација на материјалите. Оттука, не би било погрешно да се каже дека основна карактеристика на овој тип на филмски израз – повеќе модалитет отколку жанр! – е структурната и концептуална саморефлексија, која постојано ги става под прашање позицијата на режисерот наспроти материјалот, како и потеклото и природата на самиот материјал наспроти реалноста.

Оттука, безмалку по дефиниција, видеоесејот е комуникатор на филозофски идеи. Впрочем, доколку погледаме низ аналите на филмската теорија и историја, често пати ќе сретнеме констатации од видот дека есеј-филмот може да се разбере како аудиовизуелна изведба, како перформанс на филозофски идеи, дискурси и критички промислувања во и преку симбиозата на подвижните слики и филмскиот текст (Нора Алтер, Лаура Раскароли и други). Оваа симбиоза, оваа врска меѓу подвижните слики и критичкиот филозофски дискурс, е воочлива и во третманот на самите слики, кои во видеоесејот се користат како соговорници, како елементи преку кои се размислува и кои овозможуваат превод на сложените мисловни процеси во нешто поопипливо – позиција што е дијаметрално спротивна на онаа на класичниот филм кој традиционално ги разбира сликите како подлоги за репрезентација на светот.

Освен неговата карактеристична отвореност, нестабилност и растегливост, она што го разликува видеоесејот од другите филмски форми е и систематското директно обраќање на нараторот кон публиката низ текстуалниот дел. На овој начин, филмскиот текст, додека нѐ води низ движечките слики – артикулирајќи ги сопствените интереси на перформативен начин – го интегрира во конечниот продукт и процесот на сопственото настанување и така остава простор одговорите на прашањата кои режисерот ги поставува да се развијат и отелотворат и вон видеоесејот, во мислите и умовите на будните гледачи. 

Годинешниот фокус на Филозофскиот филмски фестивал е Маја Дерен. Дали влијаеше нејзиниот опус врз Вашата селекција? Кои аспекти од нејзината работа сметате дека најмногу резонираат со современите видеоесеисти? И дали тоа го имплементиравте во Вашата селекција? 

Филмскиот опус на Маја Дерен – составен од кинопеми, кореографии за камера и документирани ритуали – е фокусиран кон прикажување на психолошки, надреални и вонтелесни искуства преку кои се истражуваат прашања на идентитетот и потсвесното, како и улогата на ритуалот во структурирањето на древните и модерни животни енергии. 

Филмската практика на Дерен успева во целост да ги заобиколи институционалните правила воспоставени од американската кинематографија во 40-тите години на претходниот век и денеска служи како архетипски пример за независност и интердисциплинарност. Нејзиното влијание врз авангардниот филм е дотолку големо што често се вели дека токму нејзиниот уметнички ангажман е она што одлучно придонесува кон етаблирањето на експерименталниот филм како легитимна уметничка форма.
Но, традицијата на современиот есеј-филм не е во директна релација со творештвото на Маја Дерен. Имено, почетоците на есеј-филмот треба да да се лоцираат малку подоцна, во 60-тите години, во ликот и делото на францускиот режисер Крис Маркер.

Па, сепак, иако припаѓаат на две различни традиции на експериментален пристап кон движечките слики, кинопоемите на Маја Дерен и есеј-филмовите на Маркер ги врзува присуството на перспективата на авторот, саморефлексијата, обработувањето на комплексни (филозофски) теми и примената на иновативни, експериментални и поетични техники и методи. 
И сето тоа може да се види во четирите видеоесеи избрани во рамки на годинешнава селекција.

A дали претпочитавте одредени теми и стилови правејќи го изборот? Кои беа Вашите критериуми при селекцијата? Може ли да ни дадете пример на некои од видеоесеите кои ќе бидат прикажани на фестивалот и како тие ги отсликуваат темите кои ве интересираа, критериумите за кои се одлучивте при селектирањето?

Не сакав да ѝ ги наметнувам на селекцијата моите сопствени тематски интереси. Наместо со содржина, критериумите кои си ги поставив при селектирањето беа врзани многу повеќе со стилот, со уметничката визија – или, поточно, со рефлексивните, креативни и чувствени квалитети на пристигнатите видеоесеи. Поконкретно, овие квалитети ги барав во нивната критичка поставеност наспроти реалноста, во начините на кои тие вршеа приземјување на филозофскиот дискурс, во визуелната нарација и кинематографски операции спроведени врз самите движечки слики, како и во степенот на кохезивност меѓу визуелните и наративните елементи. 

На пример, „Периферија“, видеоесеј на младиот филмски автор и писател Бо Мајбаум, го истражува современото човеково отуѓување и депресијата која произлегува од не/можноста за замислување на кохерентни алтернативи на иднина надвор од капиталистичкиот реализам. „Периферија“ прикажува бавни и контемплативни кадри на генерични, празни, анонимни простори на урбаните индустриски периферии. Низ овие лиминални територии на градот, водени сме од страна на еден меланхоличен наратор кој во потрага по својот исчезнат сопруг, сѐ повеќе е заведен и проголтан од чувството на припадност кон токму тие територии. Инспириран од политичката филозофија на Марк Фишер и концептот за „не-места“ (non-places) на антропологот Марк Оже, овој видеоесеј успева да прикаже комплексен, нежен и поетичен субјективитет кој сведочи за колективната исцрпеност, тага и чувството на безизлезност. Дополнително, тој успева и критички да го опипа потенцијалот на овие „не-места“ како современи прибежишта за лиминалниот и транзитивен субјект.

Филмот „Механика на флуиди“ на режисерката и истражувачка Гала Ернандес Лопес нѐ води во светот на инцелите, интернет-супкултура на противволеви целибати, доминирана од гневни и мизогини хетеросексуални мажи. Лопес се впушта во виртуелно талкање низ просторите на интернетот, во обид да најде што е можно повеќе дигитални траги од Anathematic Anarchist, самопрогласен инцел кој ја споделува својата намера да се самоубие на интернет-платформата „Редит“ со зборовите „Америка е одговорна за мојата смрт“. Во оваа потрага по одговори за судбината на Anathematic Anarchist, Лопес нѐ упатува кон тоа дека инцел-културата се јавува како нуспроизвод на суровата капиталистичка инструментализација на меѓучовечкиот контакт, поттикната од екраните и алгоритмите на дигиталните апликации за запознавање. 

И во овој кус осврт на (дел од) програмата, може да се согледа дека селектираните видеоесеи опфаќаат различни теми и пристапи. Но, доколку се земе селекцијата како една целина, може да се види како поединечните проекти се надоврзуваат еден на друг преку нивното отсликување на повеќеслојни, критички, чувствени и сензитивни перспективи кои сведочат за комплексноста на проблемите на современите општества. Сметам дека селектираните видеоесеи успешно се занимаваат со некои универзални проблематики на начин што не е парализирачки или дидактички, туку инспиративен, медитативен и освежувачки.

Каква реакција очекувате од публиката? Сметате ли дека селекцијата на видеоесеи ќе го разбуди нејзиното љубопитство? И дали имате некакви планови или идеи да ја традиционализирате ваквата програма? Можеби имате и идеи за некои идни проекти кои би го продолжиле овој дел од програмата на фестивалот во некоја инаква форма? 

Навистина се надевам дека публиката ќе биде стимулирана од рефлексивноста, од креативниот потенцијал и критичкиот ангажман на селектираните есеј-филмови! Но, се прашувам дали може ваков тип на програма да се воведе во континуитет во нашето културно милје. На крајот на краиштата, иако квалитетна, селекцијата и оваа година е сепак скромна во својот обем, во контекст на тоа што тековно има да понуди продукцијата на есеј-филмови...

Според мене, тековната актуализација на есеј-филмот во светот се должи на веќе долгиот, тридецениски процес на проширување на границите на филмот („expanded cinema“), односно процесот на конвергирањето на уметничките и кинематографските кругови. Овој тип на сплотување може најлесно да се согледа преку фактот што дел од кинопроекциите (особено на радикалните и експерименталните филмски изрази) се преместени од киносалите во музеите, а за возврат речиси во секој музеј на современа уметност денес ја има црната проекциска соба како надополнување на т.н. бела кутија („white cube“), или традиционалниот бел минималистички простор. 

Со други зборови, есеј-филмот дозволува и дополнителна динамичност од аспект на неговиот прикажувачки формат. Тој може да биде користен во градењето на мултимедијални инсталации и хибридни средини коишто дополнително ги поместуваат границите на традиционалната еднонасочна релација помеѓу публиката и прикажувачкото платно. 

За крај, нешто малку полично. Во контекст на Вашето лично искуство како уметник и истражувач, како видеоесеите се вклопуваат во Вашата уметничка визија и креативен процес? Дали има некои специфични проекти или автори кои Ви служат како инспирација во Вашата работа?

Непосредно пред завршувањето на моите магистерски студии по сликарство, случајно започнав со прегледување и дигитализирање на архивски видеоматеријали на членови на мојата фамилија. Од овие материјали, два месеци подоцна, го направив својот прв експериментален краток филм: видеоесеј со наслов „Таа“. 
Таа година ја посветив и на пишување на својот магистерски труд. Мојот истражувачки фокус беше прашањето дали видеоесејот како хибриден и експериментален филмски формат може да одговори на актуелните предизвици на визуелната репрезентација во рамки на современата уметност. Работејќи на трудот, пред сѐ, предвид ги имав филмските практики на Харун Фароки и Урсула Биман. Секако, покрај овие двајца автори, низ годините се запознав и со есеј-филмовите на многу други уметници и режисери како Емили Џасир, Хито Штејерл, Бен Риверс, Ед Аткинс, уметниците околу Отолит групата итн. итн. Сите тие го проширија моето разбирање за потенцијалот на есеј-филмот. 

Видеоесејот претставува важна компонента во мојата уметничка практика. Тој е еден од форматите преку кои ги изведувам моите уметнички и теориски истражувања, во чии рамки ги промислувам односите на сликите и практиките на гледање кои ги генерира истражувањето. Речиси секогаш е носечки елемент на хибридните инсталации кои ги создавам во рамки на просторите на современата уметноста.

реклама

Неделен хороскоп од 16 до 22 февруари

Read more

Главен виновник зошто не можете да слабеете, а често се игнорира

Read more

Тепачка на паркинг во Аеродром, уапсените на возраст од 19 до 27 години

Read more

Рецепт на денот: Пица ролнички со ајвар

Read more

Интервју

Марија Велинова: Доста беше „на ти го-дај ми го“, да го разбиеме елитниот круг во културната фела

Read more

Интервју со Афродита Салихи - фудбалерката рекордер

Read more

Катарина Луа ван Хоф: Книжевната фикција е суштинска за зачувување на слободата и сè што е убаво во светот

Read more

Здравка Евтимова: Талентот на писателот умира ако писателот пишува лаги

Read more
 

Ново

Неделен хороскоп од 16 до 22 февруари

Читај повеќе

Една година од смртта на Алексеј Навални

Читај повеќе

Главен виновник зошто не можете да слабеете, а често се игнорира

Читај повеќе

Instagram тестира нова контроверзна опција

Читај повеќе

Колку долго треба да трае дремката?

Читај повеќе
  • play_arrow

Актери кои направија драстични физички трансформации за улоги

Читај повеќе

Партиите од коалицијата „Влен“ размислуваат да се соединат во една партија по локалните избори

Читај повеќе

Адмирал на НАТО: Украина нема да биде последната цел на Путин

Читај повеќе
  • filter

Како ќе изгледа најевтиниот електричен Volkswagen?

Читај повеќе