Авто новости

Дали BMW ќе го купи Jaguar Land Rover?

20. септември 2019 - 10:01 | А.С.

Ова се интересни времиња за автомобилската индустрија и веќе ниту еден потег на гигантите не нѐ изненадува.

Не се знае што точно ќе донесе Брегзит, опаѓа продажбата во Кина, Американците се закануваат со повисоки тарифи... Сите овие проблеми ги туркаат големите автомобилски производители кон здружување на силите.

Едно такво здружување би значело обновување на една денес веќе заборавена врска.

Веќе подолго време се зборува дека BMW е заинтересиран за поврзување со други производители, а аналитичарите од Sanford C. Bernstein сметаат дека Баварците би требало да го купат британски Jaguar Land Rover (JLR) што моментално е во сопственост на индиски Tata Motors. На тој начин и двете страни би можеле да профитираат и да си помогнат една на друга во понатамошниот развој.

Поконкретно, аналитичарот Макс Варбуртон смета дека BMW е „прекапитализиран и заштитен со пари во готово“ и дека е дојден до „границата на можностите за раст со својата актуелна понуда“.

Од друга страна, JLR според Варбуртон е „предизвик, и оперативно и финансиски“, но тој смета дека би можело значително да ги намали фиксните и варијабилните трошоци „под закрила на поголем партнер“.

Купувањето на JLR за околу 10 милијади евра би можело да ја зголеми заработката на BMW за околу 20%, па така уште на старт ќе има зголемување на вкупната продажба на групацијата BMW за околу 25%.

BMW моментално спроведува опсежен план за штедење вреден околу 12,6 милијарди долари, додека JLR поминува низ план за штедење вреден околу 2,8 милијарди евра, па и двете страни би можеле да го дочекаат новото партнерство поподготвени отколку да не беа во процеси на реструктурирање.

Сепак, купопродажбата на JLR е сложен процес и од емотивна гледна точка.

Имено, BMW во 90-тите беше сопственик на Land Rover и тој период беше до некаде трауматичен за Германците, па уште постои страв од тоа искуство.

Исто така, сегашниот сопственик, Tata Motors, би требало „да си ја голтне гордоста“ ако сака да се реши од JLR.

Индијците наводно имаат пари и JLR остварува добри резултати под нивна капа, но многумина сметаат дека можело да помине и подобро, кога брендот би бил во рацете на поискусен сопственик.

Официјални информации за ова здружување засега нема, но треба да потсетиме дека двете компании неодамна одлучија да соработуваат на развј на нова генерација електрични погонски системи.

Коментирај