Наука

Дали ДНК тестот може да предвиди како изгледате?

13. септември 2017 - 14:53 | К.З.

Во 2012 година беше одржана изложба од лица дизајнирани со помош на ДНК примероци од случајни предмети најдени некаде на улица. Минатата недела, една фирма за биотехнологија ја потврди теоријата дека ова може да биде употребено како технологија за препознавање на лица само со помош на ДНК.

Изгледа дека уметникот Хедер Дуи-Хегборг пред 5 години успеа да ја предвиди иднината со нејзината изложба наречена „Stranger Visions“. Во неа таа имаше изложено фиктивни лица од непознати странци кои зад себе имаа оставено искористени гуми за џвакање, филтери од испушени цигари и влакна од коса, кои таа ги собрала од улица и од нив извадила ДНК примероци што подоцна беа употребени за да се дизајнираат човечки лица базирани на примероците. Таа уште тогаш сметаше дека вртоглавиот развој на технологијата може да придонесе за полесно препознавање на изгледот и локацијата на одредено лице, па така со нејзината изложба ја посвети токму на тоа.

Во контекст на тоа, по долги истражувања и развој на првобитната идеја, компанијата за биотехнологија „Human Longevity“ објави научен есеј кој го тврди токму тоа – дека со помош на ДНК може да се одреди изгледот на некој човек.

„Human Longevity“, предводени од реномираниот експерт Џон Крег Вентер, тврди дека со земањето ДНК примерок може да се утврди лицето на сопственикот на примерокот. Компанијата го направи ова истражување на повеќе од 1000 лица и нивните конечни резултати покажаа дека оваа технологија работи со прецизност од 70% кога е во прашање препознавање на поединечно лице во низа од 20 или повеќе различни лица.

Користејќи генетски податоци, тие успеале да го предвидат обликот на лицето, бојата на очите и косата, па дури и гласот на човекот. Но, оваа теза предупреди и за големите правни и етички прашања кои ќе ги постави развојот на оваа технологија. Доколку некој може да открие како изгледате само со земање на ДНК примерок, тоа значи дека ниеден ДНК тест нема да биде приватен.

Во светот веќе се користат слични технологии на оваа, и тоа токму во правниот систем. Компанијата „Parabon Nano-Labs“ веќе неколку години работи заедно со полицијата при разрешување на случаи во кои треба да се утврди физичкиот изглед и предците на непознат човек.

Сепак, визијата на Вентер е блиску до остварување. Неколку од видливите карактеристики на човечкото лице, како што се очите, се наречени фенотипи, а фенотипите се состојат во ДНК-та на секој човек.

Единствениот проблем засега претставува недостатокот на знаење за да може да се прочитаат фенотипите од човечката ДНК, па така ќе мора да помине време за да технологијата да се развие до тој степен што ќе може да ви го препознае лицето во голема толпа на луѓе.

Коментирај