Филм & ТВ

Дали Џорџ Клуни ја мерка Белата куќа?

13. ноември 2017 - 19:01 | А.С.

Џорџ Клуни спаѓа во групата славни личности на кои им се восхитувате, но би сакале да се дружите со нив. Тој е талентиран, згоден, паметен, духовит, има Оскар и подеднакво убава, паметна и згодна сопруга и две деца.

Актерот кој се прослави со улогата во серијата „ЕR“ потоа изгради успешна кариера во Холивуд, но се чини неговата холивудка ѕвезда почна да го губи сјајот. Последните неколку филмови што ги сними останаа незабележани или пак запамтени по лошо, а не играл во ништо веќе две години. Дали му е време да се пензионира од филмскиот свет?

„Нема да снимам филмови само за да ме има пред камери“, изјави тој неодамна за „Hollywood Reporter“ и додаде дека не е веќе главна фаца во Холивуд. Режисерските понуди исто така му се бројат на прссти, па што би можел да работи Џорџ Клуни?

Ајде да ги споиме сите познати делчиња од мозаикот: светски познат, оженет со моќна жена (Амал Клуни е успешна адвокатка за човекови права и филантроп) и е финансиер на Демократската партија на САД.

Уште не е јасно? Зошто Клуни да прави политички филмови, како „The Ides of March“ во кој глуми политички кандидат, кога може и самиот да се кандидира за некоја фотелја?

И тоа не која било, туку претседателската.

„Зошто некој доброволно би се нафатил на таа позиција?“, рече Клуни пред новинарите во Венеција во 2011 година. Но, кога повторно го соочија со ова прашање годинава, Клуни имаше друг одговор.

„Дали би сакал да бидам претседател? Ох, па тоа звучи забавно.“

Иако се потруди да звучи саркастично, тоа не му беше најдобро одглумената реплика во животот.

Коментирај