Истиот новинар кој прв ја објави веста за заминувањето на Лео Меси од Барселона, сега најавува дека можно е Аргентинецот да остане во каталонскиот клуб.
Синоќешниот состанок меѓу претседателот на Барселона Жузеп Марија Бартомеу и таткото на Лионел Меси, Хорхе, заврши без договор.
Сепак, воспоставен е позитивен тон на разговорите, што познатиот новинар на ТВ-станицата TyC Мартин Аревало го објасни со зборовите „има 90% шанси Меси да остане во Барселона“.
„Лео сериозно размислува да остане во Барселона до следното лето и потоа во голем стил да ја напушти без отштета по истекувањето на договорот. Има 90% шанси Меси да остане во Барселона“, објави Аревало на социјалните медиуми.
Дури и најави дека во текот на денешниот ден тоа би можело да биде официјализирано од семејството Меси.
Тој додаде и дека челниците на Барса го молеле Меси да остане.
Но, што ако навистина остане? Каков ќе биде исходот на таквата одлука после овие случувања што длабоко го потресоа фудбалскиот свет, но и ги возбудија и емотивно ги погодија навивачите на Барса? Дали Меси ќе биде дочекан со овации или со свирежи на првото појавување пред навивачите?
Поранешната ѕвезда на Барса, легендарниот Ривалдо, смета дека нема шанси Меси да биде исвиркан од своите навивачи ако реши да остане во Барселона и следната сезона.