Здравје

Дали може да влијаеме на процесот на биолошко стареење?

19. февруари 2019 - 16:26 | К.З.

На прашањето „Колку години имаш“ се одговора многу лесно – се брои временскиот период кој поминал од денот на раѓање. Но, кога биолозите пресметуваат колку нечие тело е навистина старо, го одредуваат тоа според малите внатрешни часовници кои укажуваат на здравјето и состојбата на телото.

Научниците од Харвард пронајдоа нова рибозомска ДНК позната како рДНК часовник, или биолошки часовник кој открива колку години имаме навистина.

Доктор Бернардо Лемос, професор по епигенетика на Хардвард, вели дека мали делови од нашата ДНК собираат сигнали за годините, поради што се најдобар показател за биолошките години на телото на човекот. За да одредат колку бавно или брзо чука нашиот биолошки часовник, научниците бараат метилат – мал молекул во човековата ДНК.

Биолошкиот часовник е дел од геномот кој им помага на научниците да утврдат колку е нечие тело старо, на основ на промените кои се случуваат во ДНК и можат да помогнат во предвидување на болестите од кои некој може да заболи. Сега на научниците им е многу полесно да го следат биолошкиот часовник, бидејќи наместо да гледаат во низ од хромозоми на неколку места, сега само го следат одредениот ген.

„Ова е значително откритие бидејќи метилатот во ДНК може да биде искористен за прилично точно откривање на годините. рДНК е веројатно вистинскиот чекор за да ги поврземе неколкуте таканаречени часовници во човечкото тело“, рече Лемос.

Она што му даде дополнителна доверба на Лемос за неговото откритие е посебната корист која ја носи оваа функција кога се работи за изборот на нашето тело дали да го забрза или забави процесот на стареење. За време на експериментот со рДНК на глувци, беше откриено дека нивниот часовник покажува помали сигнали на стареење кога тие постат, дури и да се работи за постари глувци.

Научниците сметаат дека со ова откритие ќе дојдат до совршен рецепт со кој ќе се контролира стареењето преку овој биолошки часовник. Според нив, најлесниот пат би бил преку исхрана или пак преку хемиски елементи кои ќе влијаат на процесите на човековото тело.

Коментирај