Во Германија, дискусијата за ограничувањата на брзината на автопатот, односно деловите на германските автопати каде што нема ограничувања на брзината, никогаш не престана.
Полицискиот синдикат (GdP) бара ограничување на брзината на автопатите од 100 км/час. Со ова, како што велат, сакаат да ја зголемат безбедноста во сообраќајот и да ја заштитат животната средина и климата. Во заедничката изјава потпишана од голем број други здруженија (Здружение за помош на жртвите од сообраќајни незгоди, Алијанса за зачувување на природата...) се наведуваат следните аргументи:
„Поради намалената брзина се намалува потрошувачката, а со тоа и емисиите на штетни материи од возилото - ова служи како мерка за заштита на климата. Различни студии покажаа дека забавувањето на сообраќајот доведува до значително намалување на сообраќајните несреќи со смртни случаи и тешко повредени патници“.
Претседателот на полицискиот синдикат во Северна Рајна Вестфалија, Микаел Мертенс, тврди дека ограничувањето на брзината на автопатите е неопходно поради зголемениот број на електрични автомобили.
Електричните возила не можат да се движат со брзини над 130 км/час без драматично скратување на опсегот. Поради ова, возачите возат со брзина помала од дозволената, а тоа, според полицискиот синдикат, доведува до опасни сообраќајни ситуации, односно до судир на многу побрзи автомобили и оние кои штедат струја со возење, на пример, 100 км/час.