Германските власти вршат притисок да му се суди на 100-годишниот поранешен чувар на нацистички концентрационен логор, речиси 80 години по крајот на Втората светска војна.
Вишиот регионален суд во Франкфурт вчера соопшти дека ја поништил одлуката на понискиот суд, според која осомничениот е прогласен за неспособен да му се суди.
Осомничениот, именуван од германските медиуми како Грегор Форманек, беше обвинет минатата година за помагање и поттикнување убиства во 3.322 случаи додека работел во концентрациониот логор Заксенхаузен во близина на Берлин, помеѓу јули 1943 и февруари 1945 година.
Меѓутоа, во февруари вештачењето утврдило дека Форманек не е способен да му се суди поради неговата психичка и физичка состојба, а судот во Ханау одлучил да не поведе постапка против него. Судот во Франкфурт вчера утврди дека одлуката на експертот не се заснова на „доволни факти“.
„Самиот вештак изјави дека не е можно да се испраша обвинетиот и дека не постои можност за сеопфатно психијатриско тестирање“, се наведува. Германија се бори да ги изведе пред лицето на правдата последните преживеани нацистички воени злосторници по значајната пресуда од 2011 година, која го отвори патот за неколку судења.
Еден поранешен чувар на нацистичкиот логор, Украинецот Иван Демјанјук, по имигрирањето во САД познат како Џон, беше осуден во 2011 година со образложение дека служел како дел од машината за убивање на Хитлер, иако немало докази дека директно убил некого. Оттогаш, неколку поранешни вработени во концентрациониот логор се прогласени за виновни за соучесништво во убиствата по истата основа.
Меѓутоа, како што одминуваше времето, многу случаи беа отфрлени во последниве години, откако обвинетите умреа или беа неспособни да им се суди.
Десетици илјади умреа таму од принудна работа, убиства, медицински експерименти, глад или болест пред логорот да биде ослободен од советските сили.