Стриминг сервисот Max (поранешен HBO Max), работи на телевизиско шоу за Friends за 30-годишнината од премиерата на популарната серија.

Како што пишува Variety, натпреварувачкото шоу, наречено Fast Friends, ќе се состои од четири дела и ќе се снима во музејот The Friends Experience: The One in New York, двокатен комплекс во кој се сместени копии на сетовите на серијата.
„Од станот на Рејчел и Моника, до ‘ергенското дувло’ на Џои и Чендлер и пиење кафе во Central Perk, обожавателите ќе ги преживеат своите омилени моменти од серијата додека одговараат на прашања, решаваат загатки и играат игри што ќе ги држат во неизвесност дури и најголемите обожаватели на серијата“, пишува во официјалното соопштение до медиумите.
Победничката екипа ќе биде прогласена за најголеми обожаватели на Friends.
Хумористичната серија Friends беше премиерно прикажана на 22 септември 1994 година и траеше до 6 мај 2004 година. Серијата ги следеше авантурите на шест пријатели во дваесеттите и раните триесетти, кои живеат во Њујорк. Главните улоги ги толкува Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиsа Кудроу, Мет Лебланк, Дејвид Швимер и Метју Пери.
Шоуто Fast Friends е во продукција на Warner Bros. Unscripted Television и Warner Horizon. Извршни продуценти се Ден Сакс, Бриџит Терио, Ден Норис и Ричард Бурџо.
Снимањето на натпреварувачкото шоу ќе започне во октомври, но сè уште не се знае кога ќе почне да се емитува. Содржината ќе биде достапна на Max.