Од сите совети за спречување мамурлак, се чини дека има најголема смисла пиењето вода за да се спречи дехидратација.
Сепак, нова студија не најде докази за поддршка на тврдењата дека пиењето големи количини вода по една ноќ пиење го ублажува мамурлакот следниот ден.
Меѓународен тим на истражувачи од Универзитетот во Утрехт ги анализирал податоците собрани од 13 претходни студии, барајќи каква било индикација за поврзаноста помеѓу дехидратацијата и консумирањето алкохол или помеѓу водата и интензитетот на мамурлакот.
Иако не постои единствена причина за мамурлак, алкохолот има диуретично дејство врз телото, зголемувајќи го производството на урина. Ова го зголемува ризикот од дехидратација, за која можеме да претпоставиме дека е причина за главоболки, болки во телото, гадење и општа слабост поврзани со мамурлакот.
Многу луѓе исто така пријавуваат дека се жедни и имаат сува уста наутро по консумирање алкохол. Би било логично да се заклучи дека замена на изгубената течност треба да ги спречи овие симптоми.
Иако податоците не ја отфрлија можноста дека дехидратацијата и мамурлакот се случуваат во исто време, немаше докази дека тие се директно поврзани, пишува Science Alert.
Едното не предизвикува друго, што значи дека замена на изгубената вода нема да има многу ефект врз мамурлакот.
„Од оваа анализа, заклучено е дека мамурлакот и дехидратацијата се две истовремени, но независни последици од консумирањето алкохол“, пишуваат истражувачите во трудот.
Важно е да се има предвид дека сите прегледани студии беа спроведени на релативно мал број луѓе.
И покрај ограничувањата, се чини дека пиењето неколку чаши вода не ве спасува од мамурлак, што е поддржано од претходни студии кои сугерираат дека додека пиењето вода може да ги ублажи некои од ефектите на дехидратацијата, таа нема да ги елиминира другите симптоми на мамурлак, како што се силни главоболки.