Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва треба да ја соопшти долгоочекуваната одлука, а се однесува на одговорот на поканата на рускиот претседател Владимир Путин на самитот на БРИКС во Казан.

Вучиќ вчера имаше телефонски разговор со рускиот претседател Путин за прв пат по повеќе од две години, но тој не ѝ даде многу информации на јавноста за деталите од разговорот.
Вучиќ најави дека граѓаните на Србија и оваа зима не треба да се грижат за гасот и дека ќе се решат некои неподмирени долгови од претходните години.
Вучиќ меѓу другото рече и дека со Путин разговарал за „важни политички прашања“ и дека за тоа ќе зборува вечерва, 21 октомври, на РТС.
Се верува дека во тој телевизиски настап ќе соопшти дали ја прифатил поканата на рускиот претседател Путин да оди на самитот на БРИКС во Казан.
Да потсетиме, тој ја доби поканата уште во септември преку Александар Вулин, но никогаш не ја прифати ниту ја одби. Претходно тој рече дека во тој период му доаѓаат „важни гости“ и дека одлуката ќе ја соопшти на 15 или 16 октомври. Подоцна го продолжи на 20 или 21 октомври.
Така, вечерва е последниот рок на Вучиќ да му каже „да“ или „не“ на Путин со оглед на тоа што самитот на БРИКС започнува утре.