Рецепти

Дали замрзнатата храна е подобра од свежата?

13. февруари 2018 - 13:50 | А.С.

Замрзнатата храна веќе некое време ја бие лош глас, особено со сѐ поголемата популарност на органската храна и скандалите ширум светот со транспортот на замрзнато месо.

Меѓутоа, истражувањата покажаа дека со правилно замрзнување на свежата храна се зачувуваат хранливата вредност и витамините во намирниците што не секогаш можеме да ги набавиме и имаме свежи.

Затоа е добро да знаете која храна може да ја чувате замрзната и како правилно да ја замрзнувате и одмрзнувате. Златното правило е дека храната што еднаш сте ја одмрзнале не треба да ја замрзнувате повторно.

Месо

Месото содржи протеини, минерали и витамините А и D. Замрзнувањето не влијае на неговите хранливи состојки, но постојат неколку правила до кои треба да се придржувате.

Мрсното црвено месо содржи низок процент на вода, па полесно се замрзнува, додека белите меса содржат помалку масти и поголем процент на вода, па потешко се замрзнуваат.

Водата во месото ќе се замрзне во мали кристали што на крајот влијаат врз вкусот на месото. Кога замрзнувате месо, искористете го во наредните шест месеци. Исто така, добро е да замрзнувате поголеми парчиња месо.

Кога станува збор за одмрзнување, не ја користете микробрановата печка. Ставете го месото во најлонска кеса и потопете го вода и оставете го да се одмрзнува постепено неколку часа.

Овошје

Кога е во прашање замрзнатото овошје, изборот е голем, особено кога станува збор за овошја што ги нема на нашето поднебје или ги нема свежи во текот на целата година. Во маркетите може да најдете голем избор на замрзнато овошје и најважно е по купувањето да не дозволите да се одмрзне пред да го складирате во вашиот замрзнувач. Овошјето не ги губи вкусот и хранливоста со замрзнувањето, но повеќето видови овошје ја губат формата. Бидејќи содржи многу вода, по одмрзнувањето најверојатно ќе биде меко и малку кашесто, па најдобро е да го користите како состојка во јадења, а не самостојно.

Зеленчук

Некои видови зеленчук како пченка, грав и грашак одлично поднесуваат замрзнување, додека тиквички, кромид и морков не би требало да ги замрзнувате свежи. Причината за ова е следна: зеленчукот содржи многу вода (некои видови и до 90%) што кристализира при замрзнување и кристалите ги уништуваат хранливите состојки. Може да ги замрзнете термички преработени, затворени во вакумиран сад или кесичка, но употребете ги во наредните 2-4 недели.

Коментирај