Фудбал

Далиќ доби богата понуда: Ќе успее ли Хрватска да го задржи својот херој?

19. јули 2018 - 12:24 | М.Д.

Пласманот во финалето на Светското првенство во Русија, ја крена цената на хрватските фудбалери, но и на селекторот Златко Далиќ.

До пред половина година, освен во Хрватска, за овој човек имаа слушнато само уште на Арабискиот полуостров, меѓутоа сега работите драстично се променија.

Сега, од фудбалскиот сојуз на Хрватска, изразуваат загриженост, за тоа дали ќе успеат да го задржат својот херој, кој на „Коцкестите“ им донесе историски успех, освојувајќи сребро на изминатово Светско првенство во Русија.

Како што пренесуваат хрватските медиуми, Далиќ на маса има понуда која не се одбива. Станува збор за неименуван клуб од Кина, кој наводно му нуди 15 милиони долари за три сезони.

Далиќ, со фудбалскиот сојуз на Хрватска има договор до 2020 година, со годишна плата од 550.000 евра, што е една од најслабите селекторски плати во Европа.

Од друга страна во Кина има можност да заработува 5 милиони годишно, па нема сомнение дека Давор Шукер, претседателот на хрватската фудбалска федерација, го очекуваат серија на состаноци во врска со Далиќ.

Медиумите шпекулираат дека од фудбалскиот сојуз во Хрватска, се подготвени да му ја зголемат платата на милион евра годишно, што повторно е далеку помалку од она што би можел да го заработува во Кина.

Наводно има понуди и од Европски клубови, па очигледно на Хрватите ќе им биде тешко да го задржат Далиќ на својата клупа, кој доби огромно медиумско внимание после историскиот подем на Светското првенство.

Коментирај