Се подготвува во една тава и навистина е вкусно. Ете една поразлична идеја за ручек, а без необични состојки.

Џамбалаја е американско јадење кое потекнува од Јужна Луизијана од XVIII век, под влијание на француската, шпанската и африканската кујна. Ова јадење има две верзии, од кои едната се прави со ракчиња и многу наликува на паеља, но бидејќи нашето поднебје претпочита месо пред морски плодови, ви ја пренесуваме верзијата за џамбалаја со пилешко и колбаси. Се готви во една тава, а освен месо содржи зеленчук и ориз.
Доколку сте љубители на морски плодови, лесно можете да ја направите и таа верзија. Едноставно место пилешко месо ставете исчистени ракчиња.
Потребни состојки:
- 1 лажица кајун зачин
- 280 гр колбаси
- 450 гр бело месо
- 1 кромид
- 1 зелена пиперка
- 2 стебленца целер
- 3 чешниња лук
- 1 конзерва сечкан пелат
- ½ лажичка мелена пипер
- ½ лажичка бибер
- 1 лажичка сол
- ½ лажичка сос од лута пиперка
- 2 лажички ворчестер сос
- 300 гр ориз
- 2,5 чаши пилешки булјон
Подготовка:
Колбасите исечкајте ги на кругови, а месото на коцки. Зачинете ги со кајун зачин. Во тава загрејте малку масло, а потоа пропржете ги колбасите до златно-кафена боја. Извадете ги од тавата, додадете уште малку масло и пропржете го месото. Готовото месо извадете го од тавата, па во истата пропржете ги сечканиот кромид, пиперката, целерот и толчениот лук додека не омекнат. Потоа истурете го пелатот, солта, биберот и посипете со мелена пипер. Истурете го и лутиот сос, како и ворчестер сосот. По желба можете да додадете и некој друг зачин, како сушен магдонос, оригано... Промешајте, па по една минута вратете ги месото и колбасите. Гответе уште 10 минути со повремено мешање. Потоа додадете го измиениот ориз и булјонот, намалете ја температурата и гответе уште 20-25 минути.
Некои од состојките на видеото се различни од горенаведени (зачините), но ќе ви даде увид како се подготвува: