Поранешниот фудбалер на данската репрезентација и на премиерлигашот Ливерпул, Даниел Агер, е приведен за време на саботните протести на руската опозиција во Москва, објави денеска Новая газета.
„Маж со име Даниел Монте Агер е задржан во Москва на 23 јануари за време на протестот за поддршка на Алексеј Навални“, објави рускиот весник, повикувајќи се на официјален претставник.
Агер се товари за учество во недозволен протест и му се заканува парична глоба во висина до 20.000 рубљи, општокорисна работа или затворска казна од 15 дена.
Агер, кој ја заврши професионалната кариера во 2016 година во Брондби, одигра 75 натпревари во дресот на Данска, а за Ливерпул настапуваше од 2006 до 2014 година, освојувајќи го Лига купот во сезоната 2011/12.