Ракометната репрезентација на Данска за прв пат во својата историја го освои Светското првенство откако во финалето ја прегази Норвешка со резултат од 31:22 и сосема заслужено го понесе епитетот шампион.
Норвежаните го отворија натпреварот, Данците веднаш возвратија и се играше гол за гол до седмата минута кога Ларсен на резултат од 3:3 ја донесе првата предност на Данска.
Данците во 28-мата минута дојдоа до првата предност од шест голови разлика (16:10) и уште тогаш го држеа под контрола мечот.
Второто полувреме го играа во слично темпо, со цврста одбрана и ја казнуваа секоја грешка на Норвежаните.
Со тоа растеше самодовербата на Данците, кои заедно со поддршката од публиката, газеа сѐ пред себе.
Јасно беше дека Данска е победникот во 47-мата минута кога Ландин го постигна 25-тиот погодок за Данска и ѝ донесе двоцифрена предност од 25:15.
Данците во 1967, 2011 и 2013 година играа во финале и губеа од Чехословачка, Франција, односно Шпанија, но во 2019 година на свој терен успеаја да дојдат до злато.