Кошарка
Некогаш најголема кошаркарска надеж - сега е земјоделец

Дарко Миличиќ во најискрено интервју досега: Го срушив американскиот сон и го остварив српскиот

24. март 2019 - 15:23 | К.З.

Сите очекуваа да биде најдобриот европски центар на сите времиња, а тој испадна едно од најголемите разочарувања во историјата на НБА драфтот. Сега Дарко живее друг живот, далеку од славата, далеку од САД и НБА лигата, но истовремено и далеку од обичен живот. Кога и каде сѐ тргна наопаку?

НБА драфтот во 2003 година се смета за најдобар во модерната историја на најпознатата кошаркарска лига во светот – Леброн Џејмс, Двејн Вејд, Кармело Ентони и Крис Бош се само дел од имињата кои влегоа во лигата преку овој драфт. Со вториот пик од драфтот, веднаш по Леброн Џејмс, беше избран тогаш анонимниот српски центар Дарко Миличиќ.

Кариерата на Миличиќ започна со мешани емоции. Тој не добиваше голема минутажа, но на крајот од првата сезона во лигата доби шампионски прстен бидејќи беше дел од фантастичната генерација на Детроит Пистонс. Ама тоа не го направи Дарко подобар играч. Благо речено, работите тргнаа кон полошо.

„Отсекогаш го сонував српскиот сон, никогаш не се грижев за американскиот сон. Не размислувам премногу за тоа, но единствено ми е мака што имав голем благослов од Бога и требаше со тој благослов да бидам еден од најдобрите европски кошаркари, меѓутоа некои работи не се погодија. Можам да барам изговори, но факт е дека не бев психички подготвен за таков предизвик“, вели Миличиќ во интервјуто за емисијата „Гол живот“ на српската телевизија Happy TV.

Миличиќ вели дека уште со самото пристигнување во Детроит Пистонс сфатил дека за него нема да има место во екипата. Иако пристигна како втор пик на драфтот и можеше да биде многу повеќе искористен, тимот на Пистонс во тие неколку години го чекаше „последниот воз“ за освојување на титула.

„Како дете сонуваш за таква шанса, но кога стигнав во Детроит видов што ме чека. Без разлика кој пик си, во таква ситуација не можеш да се надеваш дека ќе играш. А не си помогнав ниту самиот со моето проблематично однесување“, додава Дарко.

Додека беше помлад, Дарко постојано беше познат како „проблематично момче“. Тоа го правеше огромен ризик за тимовите кои го ангажираа низ текот на годините, а тој вели дека неодамна го сфатил тоа. Од избегнување на колегите од тимот, до проблеми на тренинг со истите – Миличиќ не знаеше за мир додека беше во САД, а тоа си го зема данокот.

„На тренинг го бркав Двајт Хауард за да го истепам. Тој беше најсилен и најкрупен, но се користеше со груби потези со лактот за време на тренинзите кои многу ме нервираа. Ама тој е премногу добро момче, тој е момче за пример“, вели Миличиќ.

Целосното интервју на Дарко Миличиќ со водителот Миломир Мариќ можете да го погледнете во YouTube записот од емисијата „Гол живот“.

По крајот на кошаркарската кариера, Дарко Миличиќ инвестираше во земјоделството и сега има овоштарници и огромни ниви во кои одгледува јаболка и други овошја. Парите од кошарката му помогнале, но заработувачката е солидна и од земјоделството, вели тој.

Коментирај