Дејвид Швимер, познат по улогата на Рос Гелер во популарната ТВ-серија Friends, гостуваше во најновата епизода на подкастот Origins with Cush Jumbo, при што откри дека одбил една од главните улоги во блокбастерот Men in Black од 1997 година.
Иако тој филм ќе го направел филмска акциона ѕвезда, Швимер не жали за одлуката бидејќи ѝ верувал на својата интуиција. Наместо него, главната улога во филмот ја доби Вил Смит.
На прашањето од водителот на подкастот дали ја одбил улогата затоа што во тоа време работел на Friends, актерот рече дека не можел да глуми во Men in Black затоа што сакал да се фокусира на режијата на свој игран филм, според Hollywood Reporter.
„Тоа беше брутална одлука“, призна Швимер. „Само што го завршив снимањето на The Pallbearer, мојот прв филм со Гвинет Палтроу, кој не ги оправда очекувањата. Беше промашување, но очекувањата беа високи и студиото Miramax сакаше да потпишам договор за три филма со нив, за кои би имал фиксна плата. Им реков дека ќе се согласам со тоа ако ми дозволат да го режирам мојот прв филм.“
По неколкумесечни преговори, Miramax му дозволиле да го сними филмот Since You’ve Been Gone, кој пристигна во кината во 1998 година. Во филмот глумеше театарската трупа на Швимер, со која тој соработуваше со години.
„Најдовме неверојатно сценарио и почнавме да работиме на него. Бевме во претпродукција. Сите мои најдобри пријатели од театарската трупа дадоа отказ за да можат да глумат во овој филм во текот на летото, кој се снимаше шест недели во Чикаго“, се присети актерот.
Сепак, снимањето на неговото режисерско деби се поклопило со снимањето на Men in Black, што го принудило Швимер да донесе тешка одлука.
„Бевме во фаза на претпродукција, ја ангажиравме целата филмска екипа, се одеше според планот, а потоа ми беше понудена улога во филмот Men in Black“, изјави актерот.
Со оглед на тоа што имал само четири месеци пауза од Friends, сакал да го направи своето режисерско деби во тој период.
Исто така, знаел дека не може да се откаже од Since You’ve Been Gone бидејќи тоа ќе му ги уништеше пријателствата со членовите на театарската трупа. „Мислам дека тие врски немаше да се опорават“, рече актерот.
Иако Швимер вели дека не знае дали „донел вистинска одлука“, тој цврсто верува дека во такви ситуации „мораш да го следиш својот инстинкт, мораш да го следиш своето срце“.
„Видете, 20 години подоцна ми е јасно дека Men in Black ќе ме претвореше во филмска ѕвезда“, додаде тој. „Ако го земеме предвид успехот на тој филм и таа франшиза, мојата кариера ќе одеше во сосема друга насока.“