Просториите на граѓанското здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид се повторно демолирани, објавија бугарски медиуми.

Ова е втор напад врз просториите на здружението „Цар Борис Трети“ од отворањето. Пред неколку дена здружението го одбележа едногодишното функционирање од регистрацијата. На интернет страницата на клубот беа објавени фотографии и порака дека меѓу присутните гости бил и бугарскиот генерален конзул, но и други дипломати во Битола.
Вториот инцидент се случил ноќеска меѓу 1 и 2 часот по полноќ, кога прозорците на просторијата биле искршени со камења, по што полицијата извршила увид. Како што објавија бугарските медиуми, одговорен за инцидентот бил 47-годишен жител на Охрид кој во полиција сам признал дека е извршител на делото, пренесе 360 Степени.
Вчера на официјалната Facebook страница на здружението „Цар Борис Трети“ беа објавени фотографии од демолираниот објект.
Бугарската телевизија БТВ објави снимки од безбедносните камери во близина на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ на кои се гледа нападот на клубот. Од снимките се гледаат тројца мажи со маски на лицата како фрлаат со предмети при што ги кршат прозорците од објектот.
Бугарското МНР го осуди оштетувањето на културниот клуб во Охрид.
„Таквите постапки намерно ги попречуваат напорите за воспоставување пријателство, добрососедство и соработка како водечки принципи во односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија (РСМ)“, соопштија од МНР на Бугарија.