Свет

Демонстрантите го изнервираа Џеки Чен па застана зад Кина

14. август 2019 - 15:23 | Ф.З.

Популарниот актер го растажила глетката како демострантите го фрлаат кинеското знаме во морето, инцидент за кој локалните власти распишаа награда од 127 илјади долари за информација која ќе доведе до апсење на сторителите.

Демонстрациите во Хонгконг допреа и до славниот кунг-фу актер Џеки Чен. Тој е роден во Хонгконг, но секогаш бил горд на тоа што е Кинез што секогаш го покажувал и во неговите филмови.

Во текот на демонстрациите, група демонстранти го симнаа државното знаме на Кина од јарболот на пристаништето Викторија и го фрлија в море. Потоа на негово место подигнаа банер со порака „независен Хонгконг“.

„Морав да го искажам мојот најосновен патриотизам како граѓанин на Хонгконг и како Кинез. Воедно, јас сум и еден од чуварите на знамето“, изјави Џеки.

Хонгконг е полу-автономен град кој од 1997 година е дел од Кина, но има власт, економија и спортски репрезентации независни од Кина, а голем дел од жителите не се идентификуваат како Кинези туку како Хонконгоанци, што не е случај со Џеки Чен.

„Хонгконг е моето родно место и мој град. Кина е мојата земја. Ја сакам мојата татковина, но го сакам и мојот роден град. Навистина се надевам дека мирот ќе завладее во Хонгконг во многу брзо време“.

Коментирај