Денес е Светскиот ден на поезијата

Секоја година, 21 март е резервиран за одбележување на два големи настани. Освен што ќе ѝ кажеме големо добредојте на пролетта, ќе го прославиме и Светскиот ден на поезијата.

По тој повод, во прилог е прекрасна поезија од неколку македонски автори.

Јосип Коцев

(Песна за поезијата)

Прамајка

Таа е мојата прамајка,
папокот на сите папочни врвки
низ кои сум цицал од душите
и сум се пијанел со нови јаства.
Таа ги собира змиските кожи
што ги соблекле моите лоши стихови,
и ги познава сите мои
имиња, појави и облици,
сите точки, запирки и белини
во моите Акашки записи.
Таа ме чека со запалено светло
кога сите го гаснат спокојни дека ја убиле,
во подрумите, во затворите,
во свечените сали, во возовите,
во училиштата, во парковите...
Таа ќе ти ја отвори вратата
кога ќе чукнеш на моето тело,
и без да изусти ќе ти рече
дека одамна не ме видела,
дека одамна не сум се вратил,
дека одамна веќе не живеам таму.

Блаже Конески

Љубов

Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам – се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар со подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.

Петре М. Андреевски

Умилкување

Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава,
ко суво дрво на сува рида реките ќе ги заковам.
Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња
ќе те љубам и губам и во пости и пред гости
само да ме сакаш.

Ќе ги поткупам сите човечки сетила и патила.
Сите светлосни преѓи пресијазол ќе ги врзам,
сите денови и ноќи на својот почеток ќе ги вратам,
ќе ти дадам се што е солено и молено
само да ме сакаш.

Ќе спијам во движење, сенката своја ќе ја прескокам
ќе ги затнам сите извори, се што гори ќе отворам.
Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
само да ме сакаш.

Ќе ги шпионирам сите крадци на твоите часови.
Ќе ги исфрлам од употреба страните на светот
и светот, по црна ноќ, одмижанка ќе го истрчам
и ќе те фалам и кудам под сите небеса
само да ме сакаш.

Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш.       

Александра Спасеска

Еден ден ќе се сретнеме навистина случајно
мене косата ќе ми биде бушава
а ти ќе бидеш несмасно избричен
ќе се поздравиме ненамерно цврсто
и ќе си ги впиеме мирисите на џемперите
(омилените, секако)
на тргање ќе си заплеткам некоја обетка на тебе
а тебе ќе ти падне нешто од раце
ќе имаме заборавено сè што си немаме кажано
и ќе имаме некои нови зборови во устите
нечии други раце во дланките
можеби во твојата мала твоја дланка
и ќе си кажеме збогум
како што не си кажавме
и јас ќе плачам дома после со часови
и ќе се надевам дека ти мене
одамна си ме исплакал.

Ацо Шопов

Очи

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.

Последната вечер в планинското село,
кај борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапал тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена реја
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку, – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со лунјени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молнји!

Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи чашкум челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер…
јас нејќам да мислам што потаму стана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица…

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

Петре М. Андреевски

Дениција

Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот,
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите рудници на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отворав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додека јас умирав,
како што и јас не знеав како би умрел,
ако таа не се родеше.

Анте Поповски

Од сина тишина зборови

Од сина тишина создавав зборови
и од зборови Те создавав Тебе
Те поведов низ младоста, низ цел живот
една по една да ги собираме трошките
на кои постапно се распаѓавме.

Сега, легнувајќи во самите корени
на новиот век
се загледуваш во мене
и ги згаснуваш една по една
ѕвездите во моите очи.
Така, обезѕвезден, влегувам во предел
на света бессоница,
во предел на морничав студ.

О, поезијо, девојко со вкус на вечност.

Игор Исаковски

Кршење, прекршување

моментот кога се прекршуваш
низ себе: како бои од виножито
низ призма, како звук на стакло
врз мермер. боли моментот, доаѓа
ненајавен а очекуван. и ти доаѓа
да пееш, да се смееш, да танцуваш,
да не мислиш на себе додека
се прекршуваш.

па го фаќаш првиот воз
кон заборавот, со карта
во еден правец, без багаж.
би сакал да мислиш – без багаж.

пејзажите низ кои поминуваш
се совршени огледала на твојата
појава, на твојата душа, на твојот
божем незаинтересиран лик.
те клопоти возот, до првото
пристаниште: морето те повикува
со својата занесна бескрајност.

низ прекршувањето
на морските капки
гледаш виножита;
некаде далеку татни,
небото се крши.

Лилјана Дирјан

Ламјата на свети Ѓорѓија

Јас сум таа ламја
со седум глави и безброј нозе
што го споулавува твојот коњ
па фрла пена и бес, фаќа џенем
додека ти така наконтен, со наметка, панцир и
сабја
ми доаѓаш во пресрет

Голем јунак си, на глас
убав си
строен и
млад
коњот го збоднуваш, ’ржи тој до небеса
Те гледам онака спружена одоздола
со седум погледи те опфаќам
и од сите страни си, совршен
еднакво убав
строен и
млад

Кога би знаел да гледаш наоколу
кога би ги видел пролетта, водата во изворот
црцорот, бојата на пладнето
кога би знаел од коњ да се симнеш
поинаква би била

Но ти си јунак над јунаци
(од коњ не се симнуваш, на него јадеш, на него
спиеш)
си решил преку мене мртва во житие
а ниту еднаш право не си ме погледнал
ѕемне твоето срце, умира од страв
викаш во сон, паѓаш од коњ
во мојата прегратка

Прашај ме
имам седум приказни за кажување
седум сона сонам
седум мачкини животи
на колку ли нозе паѓам
колку оган исфрлам
колку зелено блујам
колку бисери чувам
колку за Златното руно знам
колку шехерезади сокривам
кога ти, напросто, покрај мене минуваш.

реклама

Зошто треба да ставите алуминиумска фолија зад рутерот?

Read more

Голем месечен хороскоп за април 2024: Ретрограден Меркур им ги мрси конците на неколку знаци

Read more

Едноставен и брз метод: Белите патики повторно ќе изгледаат како нови

Read more

Како е поврзано пиењето кафе со ракот на дебело црево?

Read more

Култура

Госпоѓиците од Авињон на сцената на Националната опера и балет

Read more

Коле Ангеловски: Театрите се распаѓаат, а ние финансираме фестивали во други држави

Read more

Ива Петреска ја промовира дебитантската стихозбирка „Песнило“

Read more
26 март 1901, роден е македонскиот сликар Лазар Личеноски

26 март 1901, роден е македонскиот сликар Лазар Личеноски

Read more
 

Вести

Силен земјотрес ја погоди Бугарија

Читај повеќе

Израел ја нападна Сирија: 38 загинаа во Алепо, меѓу кои и членови на Хезболах

Читај повеќе

Лавров: Украинскиот план е бесмислен, вклучува повлекување на нашата армија од освоените територии

Читај повеќе

Без струја дел од Карпош

Читај повеќе

Сончево и топло време со температура до 27 степени

Читај повеќе
  • play_arrow

Огромна дупка во Рим проголта два автомобила

Читај повеќе

Госпоѓиците од Авињон на сцената на Националната опера и балет

Читај повеќе

ВМРО-ДПМНЕ: Растот на платите со кои се фали Битиќи е лага, платите се стопија со порастот на трошоците на живот

Читај повеќе

Села оди во коалиција со Ахмети

Читај повеќе