Поранешниот НБА кошаркар Денис Родман вели дека постои голема шанса тензиите меѓу Северна Кореја и САД да се смират ако се сретнат лично Ким Џонг Ун и Доналд Трамп.
„Никогаш во животот не сум сретнал некој толку моќен. Кога Трамп и Ким би се сретнале и малку би поразговарале, тоа би ја отворило вратата за нови преговори“, рече Родман кој е чест гостин во Северна Кореја.
Во гостување на утринската програма „Добро утро Британијо“, Родман зборуваше за необичното пријателство со Ким Џонг-ун и за работите што ги правеле заедно, како на пример пеење караоке и јавање коњи.
Славниот кошаркар, кој во Северна Кореја бил дури петпати, изразува поддршка и за Доналд Трамп, за кој вели дека исто така го смета за пријател. Инаку, Родман вели дека во Северна Кореја бил како спортски амбасадор.
Во меѓувреме, САД поднесоа предлог резолуција до Советот за безбедност на Обединети нации во која бараат нафтено ембарго за Северна Кореја, стопирање на нејзиниот извоз на текстил и замрзнување на банкарските сметки на севернокорејскиот лидер.
Предлог резолуцијата е поддржана од Велика Британија и од Франција. САД побараа резолуцијата да биде усвоена следниот понеделник.