Во САД денеска се одржуваат претседателски избори, а Камала Харис има можност да стане првата жена на позицијата американски лидер. Сепак, во 2021 година, таа веќе стана претседател, иако накратко.
Имено, на 19 ноември 2021 година, на актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, му беше извршена колоноскопија, поради што мораше да биде ставен под анестезија.
Законите во САД велат дека доколку сегашниот претседател мора да има ваква медицинска интервенција, при која нема да биде свесен, должностите на претседателот преминуваат во рацете на потпретседателот, или во овој случај на потпретседателката на САД.
Така, Камала Харис стана де-факто претседател на САД 85 минути колку што траеше медицинската процедура.
Патем, вакви работи не се невидени во претходните администрации. Американскиот потпретседател Дик Чејни во неколку наврати ги презеде претседателските овластувања од Џорџ Буш за време на нивниот мандат во Белата куќа.
Дали Харис ќе стане претседателка многу повеќе од 85 минути ќе зависи од американските гласачи. Првите избирачки места, во Индијана и Кентаки, се затвораат на полноќ по наше време и тогаш би требало да ги имаме првите резултати.