Повеќе од две недели од страшната железничка несреќа во која загинаа 57 лица, повеќе од 40.000 Грци повторно излегоа на улиците во четвртокот за да го изразат својот гнев поради трагедијата, при што генералниот штрајк парализираше голем дел од земјата.

По големите протести во Атина на 8 март на кои собраа 40.000 луѓе, полицијата проценува дека денеска во центарот на градот протестираат околу 25.000 луѓе.
Демонстрантите го истурија својот гнев пред седиштето на Хеленик воз, како што направија три дена по верижниот судир меѓу патнички и товарен воз во централниот грчки регион Темпи на 28 февруари. Во патничкиот воз на линијата Атина-Солун имало повеќе од 350 луѓе, главно студенти.
Собрани пред седиштето на компанијата, демонстрантите скандираа „Убијци, убијци“.
Во Солун, универзитетски град на северот на земјата, од каде што потекнуваат повеќето жртви, денеска на улиците излегоа 8.500 луѓе.
„Ќе останеме на улица додека не се казнат одговорните за несреќата“, рече студентката по филозофија Зои Константиниду, додавајќи дека „ним не им е гајле за нашите животи“.
Демонстрантите се одзваа на повикот за 24-часовен штрајк на синдикатите во јавниот сектор, на кој за прв пат одговорија и најголемите синдикати од приватниот сектор.
Демонстрантите ја обвинуваат конзервативната влада и политичкиот систем во земјата дека ги игнорираат повторените повици од синдикатите за неисправните системи за безбедност на железницата.
„Нема да дозволиме недостигот на транспарентност, прикривања, одрекувања и какви било одложувања да доведат до заборав“, велат од синдикатот GSEE.
Поради 24-часовниот штрајк, појдовните и дојдовните летови беа прекинати, а бродовите и траектите останаа закотвени во пристаништата. Затворени се бројни јавни служби и државни училишта, а имаше и прекини во јавниот превоз.

Премиерот Киријакос Мицотакис, чиј мандат завршува во јули и се очекува да распише избори до мај, се извини за несреќата и вети дека ќе вработи повеќе персонал и ќе го поправи болниот железнички сектор со поддршка од Европската Унија.
Тој, исто така, ги повика демонстрантите да не дозволат гневот да го подели општеството. На големите протести низ земјата на 8 март, кога се собраа над 60.000 луѓе, многумина го повикаа Мицотакис да поднесе оставка.